Македонија
Мицкоски: Задоволен сум од сработеното на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ

Па, еве, се гледа, појдете секаде каде што има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, јас самиот ќе се пријавам да бидам човекот што ќе оди од општина во општина и ќе ги сликаме и снимиме проектите што ги работат градоначалниците и потоа ќе ги бараме проектите на Владата што ги нема. И да видиме, да направиме разлика, тоа се барем факти, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како е задоволен од реализацијата на програмите на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски потенцира дека е презадоволен од сработеното и рече дека градоначалниците така ќе продолжат да работат и во иднина сè со цел да ги исполнат ветувањата дадени пред граѓаните, а со тоа и да ја вратат надежта и ќе покажат дека не се сите исти.
„Ќе видите и овде во Кавадарци, ќе видите во другите општини во кои има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги споредуваме фактите, колку проекти се реализирани на дело бидејќи тоа се гледа, тука нема веќе Христијан зборувал едно, Ковачевски и Заев друго. Еве, проектите се тие, се гледаат. Јас сум презадоволен имајќи ги предвид условите во кои работата луѓето, многу чесно, многу посветено и убеден сум дека така ќе продолжат и ќе покажат една разлика дека не се сите исти и ќе ја вратиме надежта кај македонските граѓани бидејќи народот е во апатија, народот е разочаран, народот е ограбен и понижен. И тие се буквално разочарани од сите политичари, но ние се трудиме да покажеме дека можело поинаку и дека има надеж и дека Македонија може да оди напред. Тоа е суштината на оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ. И јас сум убеден да покажеме дека навистина Македонија има можност, луѓе и капацитет да оди напред наместо да назадува“, порача претседателот Мицкоски од Кавадарци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Зошто во случајот со директорот на АНБ не е постапено како со двете директорки на училишта

СДСМ обвинува за селективност во одлуката за отфрлање на кривичната пријава против директорот на АНБ, Бојан Христовски. Од партијата утрово велат дека Јавното обвинителство се ставило во улога на алатака во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо независен огран ослободен од политиката, да го брани јавниот интерес и владеењето на правото гледаме скандалозно селективни постапки за перење на Христовски и незаконското назначување за директор на АНБ.
Зошто обвинителството не е побарало официјален одговор директно од ETS – Educational Testing Service, институцијата што ги издава ТОЕФЛ сертификатите?
Зошто не е постапено идентично како со двете директорки на училишта и со директорката на болница во Дебар, кои беа гонети и осудени затоа што користеле фалсификувани ТОЕФЛ сертификати добиени од исто место како Христовски – јазичното студио „Јулија“?
Во сите овие случаи, обезбедени се докази директно од ЕТS и тоа за многу кратко време. Зошто сега, кога станува збор за Христовски, партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ е целосно игнориран ETS од страна на Обвинителството?
Оваа скандалозна одлука не само што ја руши довербата во институциите, туку и потврдува дека сѐ уште живее духот на тефтерчињата од времето на Груевски.
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт, нема и не може да има правда“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
Група инжинери со претстaвка до РКЕ: „Граѓаните да имаат реални сметки за струја базирани на реално мерење“

Новиот Закон за енергетика, јасно ја уредува обврската за мерење и фактурирање на електричната енергија според реална потрошувачка, но со тоа повторно се отвори прашањето за законитоста на членот 31 од Правилата за снабдување (донесени во 2018), кој дозволува издавање сметки врз основа на проценета, наместо реална потрошувачка во случаи на неотчитување на мерните уреди, велат од неформалната група Инжинери на Македонија.
Поднесена е претставка до Регулаторната комисија за енергетика, со која се укажува дека оваа одредба повеќе нема правна основа, бидејќи уредува прашање што сега е јасно дефинирано во Законот и тоа на поинаков начин. Укажаваат дека со тоа се крши хиерархијата на правни акти.
„Иако поднесовме амандман и добивме уверување од Министерството за енергетика дека спорниот став 2 од членот 185 ќе биде отстранет, тој сепак остана во Законот, дозволувајќи проценка на потрошувачката „кога мерењето не е извршено“. Но мерење постои бидејќи сите домаќинства имаат струјомери. Проблемот е административен а не технички. Затоа на последниот состанок со РКЕ нагласивме дека „мерење“ и „отчитување“ не се исто, па сметките мора да се издаваат само врз основа на реално измерени податоци. Најавата од претседателот на РКЕ дека ова ќе се реши со нов подзаконски акт е повторно правно проблематична – подзаконски акт не смее да ја менува или надминува содржината на закон, особено кога штетата ја трпат граѓаните“, велат од групата преку допис.
Со упатената претставка до РКЕ бараат: Итно бришење на членот 31 од Правилата за снабдување, без чекање да е донесат новите Правила; Забрана за издавање на сметки врз основа на проценка, кога струјомерот е исправен; РКЕ да го обврзе ЕВН на целосно почитување на Законот за енергетика и другите закони; Во случај на продолжување на прекршувањата, да се иницира постапка за раскинување на договорот за приватизација на дистрибуцијата од 2006 година, во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
Клучно барање им е граѓаните да имаат реални сметки базирани на реално мерење.
Македонија
Променливо облачно време, попладне дожд

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (10 до 15 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има повремени врнежи од дожд и ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.