Македонија
Со поддршка на ЕУ и по примерот на Љубљана, Општина Аеродром иницира модел за ефикасно управување со отпадот
Во рамките на проектот „Clean AirDrom – нула цврст отпад“, кој со поддршка на Европската Унија и Швајцарската агенција за поддршка и развој се спроведува во Општина Аеродром, денеска во хотелот „Хилтон“ се одржа јавен настан за проектот и форум за можностите и предизвиците на јавно-приватното партнерство. На настанот присуствуваа и свое обраќање имаа амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски, и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Целта на проектот во рамките на програмата „ЕУ за општините“ е следејќи го успешниот пример на Општина Љубљана од Словенија, да воспостави систем за ефикасно управување со цврстиот отпад и да ја зголеми свеста кај граѓаните за важноста на рециклирањето на отпадот во Аеродром.
Градоначалникот Муцунски им се заблагодари на партнерите во проектот и во своето обраќање најави дека во следниот период Општина Аеродром ќе биде иницијатор на меѓуопштинска соработка и поддршка за сите општини и јавни комунални претпријатија со цел да се преслика заеднички европски модел за управување со отпад во Скопје и целата земја.
„Тие ќе имаат можност заедно со Општина Аеродром да ги учат најдобрите практики и да ги применат европските искуства во воведувањето ваков систем и со тоа да станат дел од зелениот договор, кој е имплементиран од страна на Европската Унија и кој повикува на насоченост и кохерентност на европските политики кон одржливиот развој“, истакна градоначалникот Муцунски во воведното обраќање на настанот.
Амбасадорот Гир нагласи дека нашата земја како кандидат за членство во Европската Унија се соочува со големи предизвици, а еден од нив е и заштитата на животната средина, во чии рамки влегува и управувањето со отпадот, што е еден многу комплексен процес. Тој потенцира дека ова бара огромен труд и финансиски извори, па токму затоа Европската Унија помага како на државно така и на локално ниво.
„Силно ги охрабруваме централната и локалната власт меѓусебно да соработуваат и да ги искористат сите можности. Исто така, и приватниот сектор има клучна улога во процесот на рециклирање за што треба да се олесни законската процедура. Не само што станува збор за зачувување здрава и чиста животна средина туку ваквите инвестиции имаат голема улога и во создавањето нови работни места и можности. Секој еден од нас е дел од еден интегриран систем за управување со отпад“, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир цитирајќи го слоганот во кампањата на Делегацијата на ЕУ, „Чисто како дома исто“.
На настанот, кој е поделен на неколку теми, се вклучија голем број експерти по овие прашања, присуствуваа претставници на невладините организации „Гоу грин“ и „Омниум коуч“, Општината Љубљана од Словенија, комуналното претпријатие „Вока снага“ од Љубљана, претставници на приватните компании и други партнери, кои се вклучени во проектот.
„Справувањето со отпадот мора да биде дел од системско решение, да се селектира отпадот уште во самите домаќинства и да се изградат капацитети за негово рециклирање. Тоа, се разбира, најмногу зависи од финансиската состојба со која се соочуваат општините, особено поголемите градови, како што е Скопје, односно јавните комунални претпријатија“, изјави заменик-министерот Димитровски, кој, меѓу другото, нагласи дека иднината е во циркуларната економија за која ние сме уште на почетокот, а како клучна во процесот ја истакна потребата од изградба на регионални депонии.
Денешниот настан е еден од низата поврзани со проектот Clean AirDrom, што Општина Аеродром ќе ги организира и во иднина, а е поддржан од Европската Унија, Швајцарската агенција за обнова и развој и Министерството за локална самоуправа, а кој во иднина ќе придонесе за подигнување на свеста кај граѓаните и обезбедување здрава и чиста животна средина. Граѓаните заедно со локалната самоуправа ќе може да дадат свој придонес во воспоставување систем за селектирање и ефикасно справување со отпадот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и 14 земји
Денес во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со свечен настан беа одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Северна Македонија со 14 земји: Соединетите Американски Држави, Република Грција, Комонвелтот на Австралија, Кралството Саудиска Арабија, Романија, Република Молдавија, Република Индија, Република Естонија, Украина, Република Казахстан, Монголија, Република Азербејџан, Република Литванија и Државата Израел.
На настанот свои обраќања имаа заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, како и амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте.
Посакувајќи им добредојде на свечениот настан по повод јубилејот, заменик министерот Димитровски истакна дека денес со гордост се слават три децении на просперитетни дипломатски односи, кои започнаа во 1995 година и претставуваат долгогодишно патување со заедничко меѓусебно почитување, соработка и споделени вредности.
„Во тие рани години на нашата независност, кога младата држава ги правеше првите чекори на меѓународната сцена, секое воспоставување на дипломатски односи претставуваше камен-темелник во градењето на нашата државност. Овие први чекори беа почетоците на нашата непоколеблива определба кон западноевропските вредности и нашите аспирации кон евроатлантското семејство“, нагласи Димитровски.
Тој потсети и на приоритетите на Владата, кои се фокусирани на странските инвестиции, надворешната трговија, развојот на стратешките партнерства и меѓународното позиционирање на земјата.
„Гледајќи наназад, нашите односи прераснаа во силни стратешки партнерства. Со некои од овие земји денес сме НАТО сојузници, споделувајќи заеднички безбедносни цели и придонесувајќи кон колективната одбрана. Цврсто сме посветени на забрзување на евроинтегративниот процес и реализација на нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската унија. Оваа определба е нeпоколеблива и претставува инвестиција во иднината на нашите граѓани“, истакна заменик министерот.
Амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, од името на сите 14 земји со кои прославуваме денес, во своето обраќање пред присутните истакна дека овие 30 години донеле значајни развои, извонредни настани, еволуции и забележителни достигнувања.
Таа нагласи дека „Иднината на Северна Македонија е во Европската унија. Нè обединуваат историјата, културата и вредностите. Затоа, топло ѝ честитаме на земјата за нејзината европска посветеност и за сите реформи усвоени и спроведени досега на нејзиниот европски пат. Силно ја охрабруваме да го следи овој пат, колку и да е тежок, и да продолжи со своите напори насочени кон спроведување на сите потребни реформи.“
Македонија
Минчев: Јавната администрација влегува во дигитална ера на отчетност и мерливи резултати
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на настанот “Промоција на новата ИТ алатка за следење на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030”, организиран од страна на Министерството за јавна администрација, а со поддршка од Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА).
Настанот обедини високи претставници од државните институции, дипломатскиот кор, меѓународни и регионални организации, јавни службеници, како и претставници на граѓанскиот сектор.
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека реформата на јавната администрација е јасна и цврста политичка заложба на Владата, насочена кон конкретни резултати во интерес на граѓаните и европската иднина на државата. Новата ИТ алатка, како што нагласи тој, претставува системска промена во начинот на планирање, спроведување и следење на јавните политики.
„Ова не е техничка новина, туку системска промена во начинот на кој државата планира, спроведува и мери политики. Со поддршка на РЕСПА – Регионалното училиште за јавна администрација, и преку вградување на европски и регионални добри практики, воспоставивме дигитално решение што ги зајакнува капацитетите на јавните институции и воведува јасни стандарди на работа, отчетност и координација. “, истакна министерот Минчев
Министерот потенцираше дека со оваа алатка се овозможува прецизно следење на реформските активности, јасна распределба на институционалните одговорности и носење одлуки засновани на податоци.
„Со ова решение, ја враќаме контролата таму каде што припаѓа – кај јавноста и ставаме крај на политиките без резултати и ветувањата без отчет“, нагласи Минчев.
На настанот се обрати и директорката на Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), Маја Ханџиска Трендафилова, која ја истакна важноста на регионалната соработка и примената на европските добри практики во процесот на реформа на јавната администрација. Свои излагања имаа и Маја Рисова Мутлулар, шеф на кабинетот на министерот за јавна администрација и Мартин Тодевски, експерт од РЕСПА, кои ги презентираа клучните функционалности и практичните придобивки од ИТ алатката.
Настанот вклучи и панел-дискусија посветена на зголемување на транспарентноста преку иновации и дигитализација, со учество на претставници од академската заедница, извршната власт и независните институции.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството треба да истражи каде завршиле речиси 1 милион евра од „Државната лотарија“
Криминалите во Лотарија под раководство на Бајрами и неговиот гуру Груби, а дозволено од страна на СДС се потврди и во извештајот на Државниот завод за ревизија, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Државната ревизија утврдила дека Лотарија, под покровителство на Груби и Бајрами, а одобрено од СДС, директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер’’. Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува. Дополнително, ревизијата оценила дека документацијата е спорна и неверодостојна и во делот на готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра“, рече тој.
А притоа, додаде Петрушевски, вреди да се напомене дека во Државната Лотарија во тој период кога се случувале овие злоупотреби, немало внатрешен ревизор.
„Јавното обвинителство треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија? Дали тие пари завршувале во џебовите на Груби и Бајрами? Дали постои случај на перење на пари од нивна страна? Зошто СДС иако знаела што се случувало во Лотарија, молчела и не преземала ништо? Дали за опстанок на власт, СДС ги замижувал овие криминали? Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезеше во јавноста за случајот со Државна Лотарија и не станеше предмет на јавен интерес, јавниот обвинител Коцевски можеби и овие пријави ќе ги чуваше во фиока“, рече Петрушевски.

