Македонија
Грковска – Пејчиновиќ-Буриќ: Европа се соочува со силни предизвици, заедно да застанеме во одбрана на демократијата
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Стразбур имаше средба со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со која разговараше за предизвиците со кои се соочува Европа и членките на оваа организација во однос на демократијата, владеењето на правото и човековите права.
Вицепремиерката Грковска оцени дека Северна Македонија, како и сите земји во регионот, се соочува со економска и енергетска криза, но нагласи дека како држава не смееме да дозволиме тоа да влијае на развојот и на почитувањето на демократските принципи и принципите на добро владеење.
Генералната секретарка Пејчиновиќ Буриќ ги поздрави напорите и посветеноста вицепремиерката Грковска и на Владата на Северна Македонија во промовирање и почитување на вредностите за кои се залага Советот на Европа, како што се доброто управување, владеењето на правото, антикорупциските политики и промоцијата на демократијата и човековите права.
Вицепремиерката Грковска се осврна и на иницијативата на која работи нејзиниот Кабинет, а тоа е во Република Северна Македонија, во соработка со Советот на Европа да се формира Центар за добро владеење. Овој Центар би бил сличен на Центарот за експертиза на Советот на Европа, кој им помага на земјите членки на Европската Унија да ги имплементираат принципите на добро владеење на сите владини нивоа и да ги промовираат европските стандарди и добри практики на сите нивоа.
Генералната секретарка Пејчиновиќ Буриќ целосно ја поддржа оваа иницијатива и нагласи дека го охрабрува процесот за соработка со Советот на Европа, во делот на воспоставување на Центар за добро владеење.
Двете соговорнички разговараа и за четвртиот Самит на Советот на Европа, што во мај наредната година ќе се одржи во Рејкјавик, а чија цел е да ја зајакне улогата на Советот на Европа, но и ќе овозможи да се отпочне процес на реформи кои ќе ја зајакнат улогата на земјите членки во унапредувањето на демократијата и почитувањето на човековите права.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за поддршката што Советот на Европа и ја дава на Република Северна Македонија преку „Проектот за економски криминал“, кој меѓу другото го вклучува и подготовката на Законот за потекло на имот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови како во времето на Груевски
Свиркачи од Министерството за здравство информираат дека Владата на Христијан Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови со сомнителен квалитет, кој беше укинат во времето на СДСМ, велат од опозициската партија.
„Еве како планира владата на Мицкоски да го направи тоа, со измена на член од Закон за до членство на ЕУ да може да тераат паралелен увоз. Не сакаат во ЕУ заради пари, тргуваат и со здравјето на луѓето. Информациите за намерите на власта ги потврдуваат и некои здруженија но и многу пациенти кои стравуваат од лекови со крајно лош квалитет опасни по здравјето. Токму преку паралелниот увоз на лекови власта на ДПМНЕ и Никола Груевски ги правеше најголемите криминали на штета на здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека во 2016 бил откриен скандал дека во државава биле внесени фалсификувани лекови и тоа дел од нив биле откриени на Клиниката за онкологија каде се лекуваат пациенти болни од рак.
„Затоа СДСМ го забрани. Но, криминалот за ДПМНЕ е поважен од здравјето на граѓаните. Оттука се овие обиди на власта да го врати паралелниот увоз на лекови. Само заради бизниси со тендери. За пари. Ова се случува во време на корупциски скандали и обиди на власта да дефокусира од темите со мигрантите и недостатокот на пари. На мала врата буктаат вакви сериозни и големи работи. СДСМ ги поддржи сите акции кои ќе значат спречување на овој обид на власта да го врати паралелниот увоз и да ги загрози животот на пациените за пари“, наведува СДСМ.
Македонија
СДС да не го злоупотребува случајот со новороденчето за дневнополитички поени, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС да престанат да се однесуваат како хиени и чим дознаат за нечија смрт, да им се јавува павловиот рефлекс, и да се радуваат над нечија тажна судбина како што е случајот со новороденчето на Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што е јасно како бел ден е дека сите неопходни протоколи се преземени и сите надлежни институции се известени. И доколку се утврди било каква човечка грешка истите ќе бидат отстранети и ќе има одговорност за причинителите за несреќата. Ниту ќе биде сокриен некој, ниту овој случај ќе биде заташкан како многу претходно кога Филипче беше министер за здравство. Тоа е важната разлика помеѓу оваа и претходната влада. Не е во ничиј интерес да се сокрие било што. Наместо сочувство до семејството, СДС прави политика од смртта на новороденчето. Тоа е за секаква осуда“, велат од партијата.

