Регион
„Никогаш немало фашизам“, велат историчарите од Бугарија за тамошната власт во Втората светска војна

Бугарската историска заедница одамна, пред повеќе од 30 години, не го користеше терминот фашизам кога зборуваше за владеењето во Бугарија во периодот 1934-1944 година. Ова во интервју за БГНЕС го изјави професорот Даниел Вачков, директор на Институтот за историски студии при Бугарската академија на науките.
Тој посочи дека во историскиот еснаф има јасен консензус дека владеењето не може да се дефинира како фашистичко.
„Да, таа е авторитарна и многу отстапува од демократијата, но не носи белези на фашистичка власт“, нагласи Вачков.
БГНЕС пишува дека една од причините поради која бугарските историчари излегле со овој став се „честите фалсификати на историјата од колеги историчари од Македонија“.
„Бидејќи многу луѓе, па дури и медиуми кај нас не беа свесни дали има причина да нè обвинуваат за фашизам, одржавме тркалезна маса. Таму, со многу сериозни аргументи, ја изнесовме тезата дека нема шанси власта во Бугарија да се дефинира како фашистичка, бидејќи низа критериуми не го дозволуваат тоа. Имаме јасно наведени модели како што се фашистичка Италија и нацистичка Германија. Кога ќе се споредиме со овие модели, ја гледаме огромната разлика, што не ни дава основа да зборуваме за фашизмот кај нас“, вели Вачков.
БГНЕС, исто така, потсетува на главните точки од мислењето на водечките бугарски историчари за ова прашање:
1. Во Бугарија не се создава водечка фашистичка партија која има можност да бара политичка моќ. Без разлика што некои од фашистичките формации бројат неколку десетици илјади членови (СБРЗ, СБНЛ, НСД), изборните резултати за нив се жалосни.
2. Фашизмот никогаш не дојде на власт во Бугарија. Фашистичките организации не учествуваа во владеењето на земјата во текот на целиот период од 1920-тите до есента 1944 година. Режимот воспоставен по 1934 година не беше предводен од фашистичка партија, немаше фашистички лидер. Згора на тоа, тој беше во конфликт со фашистичките организации (во 1936 година, СБРЗ конечно беше забранета, во септември 1939 година – СБНЛ и РНБ).
3. Режимот нема фашистичка идеологија. Доволно чудно, тој воопшто не создава систематизирана идеологија.
4. Власта на земјата од 1934 до 1944 година беше авторитарна, но не и фашистичка. За целата деценија од своето постоење, политичкиот режим остана целосно непартиски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Од топлотен бран до бури: силно невреме во Солун и на Халкидик

Силното невреме што го погоди Солун во четвртокот наутро предизвика проблеми кај населението.
Обилните дождови ги претворија главните патишта во реки, а локалните извештаи покажуваат дека шахтите пукнале под притисокот на водата, објавува „Товима“.
Πλημμύρισε το κέντρο της Θεσσαλονίκης και οι δρόμοι γύρω από το Βαρδάρη#tanea #taneagr #news #rain #βροχη #kairos #καιρος #weather #thessaloniki #skg #viral #summer #fyp pic.twitter.com/eYTi1EDe7y
— TA NEA (@ta_nea) July 31, 2025
Мотоциклист е повреден кога изгубил контрола на лизгава улица во центарот на градот, поточно на прометната авенија Цимиски.
Според анализите на феноменот преку страницата Weather Analysis на „Фејсбук“, за помалку од еден час се забележани 37 литри дожд на квадратен метар, количина што одговара на просечните вкупни врнежи од дожд за цел јули, пренесува медиумот.
Службите за цивилна заштита се во состојба на готовност бидејќи слични временски услови се очекуваат и во наредните денови според прогнозите, објавува grtimes.gr.
Обилни врнежи од дожд се регистрирани во Солун, на Халкидик и во Кукуш, како и на планинските делови во Епир, Тесалија, Спорадиските Острови и во некои делови од Тракија.
Фото: принтскрин
Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои речиси 700 се згрижени во Хрватска преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување решение за две држави во седиштето на ОН.
Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин