Македонија
Маричиќ: Нова поддршка од ЕУ за побрз и полесен процес на преговори

Самиот процес на преговори бара градење на нашите институционални и административни капацитети, но и реализација на планот за реформи, рече заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, на првиот состанок во пресрет на почетокот на новиот проект „Поддршка за реформи на политики, пристапување и ефективност (SUPRAE)“, финансиран од Европската Унија, на кој присуствуваше и шефот на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин.
Маричиќ ја потенцира важноста на ЕУ-проектите во спроведувањето на реформите и ја изрази својата благодарност за поддршката од страна на ЕУ во процесот на преговори со ЕУ.
„Убеден сум дека спроведувањето на овој проект ќе го направи процесот на пристапување подобро рационализиран, а резултатите очекувам да дадат јасна стратешка рамка со добро дефинирани цели и задачи како на национално така и на секторско ниво“, рече Маричиќ.
Според Маричиќ, проектот SUPRAE е еден од најважните активни проекти во Секретаријатот за европски прашања, кој во следните три години спроведување ќе обезбеди поддршка во процесот на пристапување на земјата не само за Секретаријатот за европски прашања туку и за сите релевантните институции во овој процес.
Проектот ќе се фокусира на спроведување 3 компоненти, и тоа: зајакнување на стратешкото планирање, известување и комуникација, воспоставување стратешка, методолошка и оперативна рамка за процесот на пристапување и унапредување на програмирањето, користењето и процената на ЕУ-фондовите од страна на надлежните институции.
Сите три компоненти на проектот подразбираат поддршка за програми за обука, регрутирање, подигање на јавната свест и комуникација, што треба да придонесе за подобро разбирање на јавноста за улогата на ЕУ и процесот на пристапување во целина, дигитализација на одредени аспекти од преговарачкиот процес и подобро управување со фондовите на ЕУ. Сето ова треба да биде од корист и за Секретаријатот и за сите институции и државни службеници вклучени во процесот на пристапување, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.