Македонија
(Видео) Пендаровски: Брзината на интеграцијата во ЕУ зависи најмногу од нас
Општиот впечаток меѓу нашите граѓани, за жал, е дека некои од преземените реформи или не се одржливи на долг рок или го немаат потребниот степен на директно позитивно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните. Ова особено се однесува на многуте промени и најави за промени во сферата на владеењето на правото. Од првите поголеми реформи во оваа сфера во 2005 година поминаа повеќе од 15 години, а довербата на граѓаните во судството и воопшто во функционалноста на нашата правна држава е на рекордно ниско ниво, изјави претседателот Стево Пендаровски на петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европска Унија во Македонија (НКЕУ-МК), што во организација на Европското движење се одржува во Собранието.
„Сведоци сме дека недостигот на правна сигурност и чувството дека партиската и етничката припадност се поважни од знаењето и вештините што ги поседувате се меѓу главните причини за емиграција на голем број млади луѓе. Притоа емигрираат и лица, дел од оние што се добро етаблирани во општеството со изградени кариери и солиден животен стандард за наши услови. За нив, се разбира, и за сите други, функционалната правна држава е прашање на квалитетот на животот. Во таа смисла, не е случајно дека токму владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата се вбројуваат во кластерот „основни прашања“, односно на фундаменталните вредности во процесот на пристап кон Европската Унија.
Сметам дека доколку ги оставиме, а мора да ги оставиме настрана историските прашања на кои не им е местото во пристапниот процес, токму на оваа тема ќе биде нашата најголема предност или нашиот најголем недостаток во зависност од начинот на кој во преговорите ќе им пристапиме на овој сет прашања. Во оваа пригода сакам накратко да се задржам на главните правци кон кои сметам дека треба да се движиме во исполнувањето на овие обврски, пред сè, кон нашите граѓани, дури потоа кон Брисел.
Прво, политичката волја за владеење на правото не смее да биде само декларативна, туку реална и присутна и во фазата на примена на законите, а не само при нивното усвојување во парламентот. Промената на законодавството е само еден нужен, но недоволен чекор за реални промени во нашите животи. Клучна се неселективната примена на законите и доследното почитување на независноста на институциите во оваа област од страна на нас политичарите.
Второ, во фокусот на почетокот и на крајот на секоја реформа во правосудството треба да бидат луѓето што работат во овие институции. Да бидам попрецизен: нам ни е потребно многу поквалитетно правничко образование на универзитетско ниво од тоа што сега го имаме, во смисла на комбинирање на теоријата и праксата во едукацијата на идните правници. Потоа, потребна е доследна примена на критериумите при регрутација на слушателите во Академијата за судии и јавни обвинители бидејќи од таму се регрутираат идните судии и обвинители. Исто така, исклучително е важен начинот на кој се оценува работата на судиите и обвинителите и се одлучува за нивната евентуална одговорност“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека потребни ни се целосно функционални и професионални Судски совет и Совет на јавни обвинители. Секое основано сомнение за работата на членовите на овие тела, според претседателот на државата, претставува голем хендикеп не само за инволвираните поединци туку и за целиот правосуден систем бидејќи токму тие се надлежни за професионалниот квалитет и интегритет на луѓето во правосудниот сектор.
Трето, треба да ја поддржиме, без резерва, работата на Државната комисија за спречувањето на корупцијата. Не само што таа институција е една од малкуте чија работа е позитивно оценета во извештаите за напредокот кон Европската Унија туку и затоа што преку нејзината ефикасна работа политичарите ќе покажат на дело дека декларативните заложби имаат и практични последици, дури и во случаи кога нивните интереси, интересите на нивни сопартијци или нивни блиски ќе бидат засегнати.
Четврто, реформите во сферата на правната држава треба секогаш да бидат резултат на широк политички, но не помалку важно, експертски и општествен консензус. Законите во оваа сфера треба да бидат поддржани од сите значајни политички фактори, а во нивната изработка да бидат вклучени експертите и граѓанските организации, како и експерти од државите членки на Европската Унија. Подготвеноста за асистенција од страна на нашите партнери од ЕУ и државите членки никогаш не била спорна, наше е колку и на кој начин ќе ја искористиме таа понуда. Со други зборови, во реформите во оваа сфера клучен треба да биде консензусот, а не надгласувањето.
Колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во Европската Унија зависи и од Брисел и од државите членки, но најмногу од нас. Реформите не ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи, туку фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции, од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент. Тоа значи дека фокусот не треба да биде на техничко исполнување на критериумите за членство, туку на квалитетот на процесот. Друг начин за реформите да бидат одржливи и за сопирање на негативните трендови со кои се соочуваме во областа на владеење на правото – не постои. Само со излегување од комфорната зона на политички декларации процесот на пристапување кон Европската Унија ќе ја има трансформативната моќ, која ни е повеќе од потребна“, порача Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

