Спорт
Дејвис уфрли 55 поени во триумфот на ЛА Лејкерс против Вашингтон
Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс синоќа го победија тимот на Вашингтон со 130:119 и го остварија третиот последоватен триумф во НБА-лигата. Ентони Дејвис, кој постигна 55 поени, беше најзаслужниот за десеттата вкупна победа на Лејкерс од почетокот на сезоната.
Погоди 22 од 30 удари од поле, а имаше и 17 скока. Леброн Џејмс додаде 29 поени за победничкиот тим, додека Лони Вокер постигна 20 поени.
Во редовите на Вашингтон, кој поради повреда во првата четвртина остана без Бредли Бил, најдобри беа Кристапс Порзингис и Кајл Кузма со 27, односно 26 поени.
Кошаркарите на Бостон ја прекинаа серијата од четири победи на Бруклин со победата над Нетс со 103:92. Џејлен Браун постигна 34 поени и имаше 10 скока, а на патот до 19. победа најдобро го следеше Џејсон Тејтум со 29 поени и 11 скока.
Кевин Дурент беше најдобар во редовите на Бруклин со 31 поен, додека Кајри Ирвинг додаде 18 поени и осум скока.
Мемфис победи на гости кај Детроит со 122:112, предводен од Џа Морант, кој постигна 33 поени, од кои 21 во третата четвртина. Морант додаде и 10 асистенции за да му помогне на Мемфис да победи по четврти пат во последните пет натпревари.
Дилон Брукс и Дајерн Џексон постигнаа по 22 поени за победничката екипа, додека Детроит го предводеа Седак Беј со 20 и Бојан Богдановиќ со 18 поени.
Кошаркарите на Сакраменто на домашен терен го победија Чикаго со 110:101. Сите пет стартери кај Кингс имаа двоцифрен ефект, а најефикасен беше Малик Монк со 20 поени, додека Домантас Сабонис натпреварот го заврши со 11 поени, 17 скока и десет асистенции.
За Чикаго, пак, не беа доволни 41 поен на Зек Левин.
Кошаркарите на Њујорк победија на домашен терен против Кливленд со 92:81. Џејлен Брансон постигна 23 поени, а Џулиус Рендл додаде 18 за победничкиот тим, додека Кливленд го предводеше Донован Мичел со 23 поени.
Портланд на домашен терен ја победи Индијана со 116:100.
Џереми Грант постигна 28 поени, додека Демијан Лилард имаше 21 поен и шест асистенции во својот прв натпревар по повредата на 19 ноември. Индијана, пак, ја предводеше Мајлс Тарнер со 24 поени и девет скока.
Сан Антонио, исто така, го загуби 11. последователен натпревар бидејќи беше поразен на домашен терен од Феникс со 133:95 и сега е на само два порази од најлошата серија на франшизата од 1989 година.
Деандре Ајтон го предводеше Феникс до седмата победа во последните осум натпревари со 25 поени и десет скока, додека Келдон Џонсон беше најдобар кај Сан Антонио со 27 поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дембеле одбил да го продолжи договорот со ПСЖ
Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Усман Дембеле, ја одбил првата понуда на клубот за продолжување на договорот во вредност од 30.000.000 евра, објавија француските медиуми.
ПСЖ започна разговори за продолжување на соработката со францускиот репрезентативец, кој има важечки договор до 2028 година, со цел да го задржи освојувачот на „Златната топка“ и еден од клучните играчи во историската сезона 2024/2025, во која тимот ја освои Лигата на шампионите.
Според извештаите, Дембеле веќе добил првична понуда од клубот, но таа не е во согласност со неговите финансиски барања.
Како што се истакнува, понудената плата е околу 30.000.000 евра по сезона, проблем е што менаџерот на фудбалерот бара речиси двојно поголема сума, поради што договорот во моментов е далеку.
Во сезоната 2024/2025, Дембеле ги освои најважните индивидуални награди, вклучувајќи ја Златната топка, наградата „Најдобар“ на ФИФА и наградата за најдобар играч на Лигата на шампионите, а одигра и клучна улога во освојувањето на првиот европски трофеј во историјата на ПСЖ.
Спорт
Барселона нуди 30 милиони евра за Рашфорд
Маркус Рашфорд се чини дека ги се наметна во Барселона на задоволство на тренерот Ханси Флик.
Челниците на „блауграната“ решија да му испратат понуда на Манчестер Јунајтед за откуп на договорот на репрезентативецот на Англија.
Според шпанските медиуми, Барса е подготвена да издвои 30 милиони евра.
Во дресот на Барселона, крилниот напаѓач одигра 18 натпревари и постигна два гола.
Спорт
Рој Кин: Фергусон е како смрдеа од која не можеш да се ослободиш
Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Рој Кин, повторно проговори за ситуацијата во неговиот поранешен клуб, а овој пат остро го критикуваше легендарниот менаџер Алекс Фергусон.
Познат по своите остри и директни ставови, Кин отворено проговори во програма во живо за отпуштањето на Рубен Аморим и начинот на кој клубот носи клучни одлуки, не штедејќи ги луѓето кои, формално, повеќе не се дел од структурите на Манчестер Јунајтед.
„Што всушност се случува на тие интервјуа за работа? Секогаш ме интересира зошто истите луѓе добиваат шанси. Како можат да сфатат по 12 или 14 месеци дека некој не е вистинскиот човек за клубот?“, почна Кин.
Потоа отиде чекор понатаму и директно го спомена Фергусон, кој сè уште редовно ги гледа натпреварите од трибините на „Олд Трафорд“.
„Не го сфаќате ли тоа во разговорот? Го гледата чобекот во очи. Гледате кој навистина ги прави потезите во Манчестер Јунајтед. Фергусон и Дејвид Гил сè уште се шетаат како смрдеа што не може да се избрка.“
Нетрпението меѓу Рој Кин и Алекс Фергусон трае од 2005 година, кога легендарниот менаџер одлучи да го продаде својот капитен по контроверзно интервју на клупската телевизија.
Дека тензијата сè уште постои, потврди самиот Фергусон во 2024 година, кога го исфрли Кин од листата на своите најдобри капитени во историјата на клубот, и покрај фактот дека Ирецот ја носеше капитенската лента во осум исклучително успешни сезони.
Најновите коментари на Кин се само продолжение на долгогодишната и јавна расправија меѓу две икони на Манчестер Јунајтед.

