Македонија
(Видео) Стоилковски: Зад хаосот на Ковачевски и Арсовска има договор бугарска фирма да го земе приватниот градски сообраќај?
Зад хаосот во Скопје, долговите и девастирањето на градските претпријатија стојат провизии од мрсни, богати тендери и договори без рабат, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Време е да се отворат картите, време е за вистински одговори: Дали нема попуст од милионскиот договор за нафта за ЈСП со фирма на пратеник од власта, затоа што има провизии кои се договорени да завршат во приватни џебови?
Дали е точно дека зад сите матни зделки на Град Скопје стои Драги Митковски познат како Драги Книга? Дали сметководителот од Ѓорче Петров од заднина управува со ЈСП за провизии? Дали заедно со него и прв соработник во договарањето на провизиите од матните зделки е близок роднина на Данела Арсовска.
Но и дали зад тргањето на приватните превозници стои желбата превозот во Скопје да го преземе приватна фирма од Бугарија за која инсистира владата на Ковачевски? Дали на средбата Арсовска – Ковачевски било договарана оваа компанија од град близу Софија да биде единствен приватен превозник во град Скопје?“ рече Стоилковски.
Тој додаде дека во моментот власт во Скопје се директорите на јавните претпријатија кои доаѓаат од СДС, од ДУИ и од Левица под патронат на Ковачевски и Арсовска. Стоилковски обвини дека стотици луѓе немаат леб на маса, градот тоне во долгови, но затоа има огромни провизии! Скопје не може да издржи уште еден криминоген и неспособен градоначалник, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо
Министерството за правда известува дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.
Македонија
Битиќи: Патриотски ќе одиме кон повисоки плати и пензии, кон „Едно општество за сите“
„Ова зад мене е Спомен-костурницата, симбол на прогресивното и мултикултурно Куманово, темелот на АСНОМ-ска Македонија. Градот кој во 2015 година го потресе трагедија која беше одраз на еден режим кој сакаше да ја скрши Македонија. Сеќавањата сè уште остро нè потсетуваат и опоменуваат на тие мрачни времиња кога ВМРО-ДПМНЕ ја држеше заробена државата во мрак исполнет со стравови“, вели во видео обраќање од Куманово, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој нагласува дека СДСМ седум години градеше општество на соживот, меѓусебно разбирање и почитување на различностите, притоа предупредувајќи дека „наследниците на режимот бараат повторно да се издигнат од пепелта, нивната шовинистичка политика повторно надвиснува над Македонија“.
Битиќи предупредува дека со ВМРО-ДПМНЕ и неговиот национализам постои опасност државата да се врати во периодот кога имаше поделби на етничка и религиозна основа.
„Со ВМРО-ДПМНЕ и нивниот национализам може само да се вратиме во времето кога вештачки се обидуваа да креираат поделби и раздори на етничка и религиозна основа. На овие парламентарни избори, секој глас за нив, е глас за времињата налик на тие од 11 години режим. Но наспроти нив, стоиме ние, СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, со кои, патриотски, а не националистички, ќе одиме кон повисоки плати, повисоки пензии и пред сè, кон Едно општество за сите“, вели Битиќи.
Македонија
ДУИ: Вокабуларот како оној на Мицкоски е агенда на Москва и Путин
Мицкоски и ВМРО почнаа со лажни вести да измислуваат, дезинформираат и оцрнуваат се што е албанско. Ни помалку ни повеќе, денес, Мицкоски во стилот на лажни вести и заслепен од желбата за власт ја обвинува ДУИ и Али Ахмети дека организирале вооружена група некаде во Чаир и Бутел, велат од ДУИ.
ДУИ и Европскиот фронт изразуваат длабока загриженост за подбуцнувачкиот вокабулар на меѓуетничка омраза на Мицкоски една недела пред 8 мај, денот кога Европскиот фронт ќе ја одбележи својата длабока победа.
„Свесен и исплашен дека нивните слуги од албанската опозиција ќе претрпат длабок пораз, Мицкоски намерно ги загрозува меѓуетничките односи предизвикувајќи страв од дестабилизација на ситуацијата, која е желба и главна цел на проруските центри во Северна Македонија. Во оваа прилика, ДУИ и Европскиот фронт ги повикуваат граѓаните, без разлика на етничката припадност, да не станат плен на измислици и поттикнување меѓуетничка омраза, бидејќи вокабуларот како оној на Мицкоски е агенда на Москва и Путин, кои сакаат да ја дестабилизираат Северна Македонија посебно, а и регионот во целина“, дополнуваат од ДУИ.
Потсетувааат на мислењето дека кога ДУИ организирало избори во последните години, тие секогаш биле слободни, демократски и меѓународно прифатени.