Македонија
(Видео) Богоев: Мицкоски да ја прекине блокадата на Скопје и да најде решение за хаосот што го создадоа
Ако денес не успеавте да стигнете на вашиот однапред закажан лекарски преглед. Ако денес не успеавте да го однесете вашето детенце во градинка или во училиште. Ако денес не успеавте да стигнете на вашето работно место или на факултет и притоа во метежот видовте заглавено возило на пожарна или на брза помош сетете се дека зад овие блокади и хаос стојат луѓе со име и презиме, изјави на денешната прес-конференција Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ.
Богоев објави слика која е направена на денот на локалните избори лани, пред околу една година. Направена е пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
![]()
На сликата Христијан Мицкоски со ново блузонче со патентче, видно расположени со потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски, срамежливо од позадина ѕирка Трајко Славески, денешен претседател на Советот на град Скопје, а во средина во бел капут, Данела Арсовска, денешна градоначалничка на град Скопје, пречекана со зурли и тапани и трубачи коишто ја свират Бела Чао, на настан на којшто ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа и преземање на градот Скопје, истакна Богоев.
Според него, денес луѓето од оваа слика се наводно скарани за тендер и провизии од повеќе од 130 милиони евра. Од другата страна на протестите, од другата страна на блокадите, од другата страна на хаосот, Ленин Јовановски.
Присутен на сликата во друштво со Христијан Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ видно расположени што би рекол народот со ѓезме и со мезе. Ленин Јовановски важи за долгогодишен поддржувач на политиките на Никола Груевски, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
![]()
Богоев додаде дека на двете слики е Христијан Мицкоски. Присутен во друштво на двете страни од хаосот, сврзно ткиво на двете наводно завојувани страни кои го кочат и блокираат главниот град неколку денови. И бидејќи Јавните претпријатија на град Скопје имаат директори и членови на управни и надзорни одбори од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Советот во град Скопје е предводен од претседател и мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, бидејќи од една страна е Данела Арсовска сликана, поддржана од Христијан Мицкоски, од друга страна Ленин Јовановски, поддржувач на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, оттука СДСМ во име на граѓаните и на скопјани денеска бара веднаш и без одлагање Христијан Мицкоски да издаде партиска директива, партиска задача или партиска наредба до неговите Данела, Трајко, директори и раководители на Јавните претпријатија на град Скопје и до неговиот поддржувач Ленин Јовановски.
Веднаш да ги тргнат блокадите, веднаш да го ослободат градот Скопје и да ги ослободат скопјани да можат слободно и безбедно да се движат во нивниот главен град.
Доста беа блокади во Собранието, доста беа блокади во државата, доста беа блокади на евроинтеграциските процеси. Граѓаните и СДСМ бараат веднаш да прекине и блокадата на главниот град којашто има име и презиме и виновници зад истата, изјави Богоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.
Македонија
Појава на магла и намалена видливост во околината на Дебар
АМСМ информира дека во околината на Дебар има појава на магла и намалена видливост до 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.

