Македонија
Нови 30 милиони евра од ЕУ за проекти за прекугранична соработка со Бугарија
Програмата за прекугранична соработка е најдобриот начин да се совладаат не баш лесните процедури на Европската Унија, да се соработува со соседните земји единствено во интерес на граѓаните и да се реализираат проекти коишто го менуваат квалитетот на живеење, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов по првиот состанок на Комитетот за мониторинг на “ИПА Програмата МК-БГ 2021-2027” во Струмица.
– Во изминатите два проектни циклуси Програмата со Бугарија има најдобри резултати, со 100% искористеност на средствата од Европската Унија, а денеска официјално отпочнува новиот ИПА 3 програмски период во спроведувањето на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Министерот за локална самоуправа нагласи дека во спроведувањето на ИПА Програмата за прекугранична соработка, заедно, во двете држави, во двата програмски периоди се реализирани 178 проекти во вкупна вредност од скоро 40 милиони евра, или по 20 милиони за секој програмски период, а 100 проекти се реализирани во првиот програмски период и 78 во вториот.
– Изградени се детски градинки, како во општина Василево. Многу училишта и детски градинки се реновирани и опремени. Многу јавни установи се целосно обновени со вградување стандарди за енергетска ефикасност, како што е мултикултурниот центар во Кочани. Набавена е опрема за здравствените установи. Во новиот, третиот програмски период, на располагање стојат уште поголеми средства, над 30 милиони евра. Од нас зависи колку ќе апсорбираме и какви проекти ќе имплементираме, рече Пенов.
Еден од веќе предвидените проекти е граничниот премин Берово-Струмјани којшто долго време чека да биде ставен во функција. Обезбедени се 9 милиони евра, а проектот ќе го спроведуваат Регионалната управа на Благоевград и Царинската управа на Република Северна Македонија.
Најголемиот дел од средствата, 15,5 милиони евра се наменети за финансирање проекти за интегриран развој. Ќе се финансира главно проширување на економската активност на мали и средни претпријатија, како и изработка на туристички производи, а 5 милиони евра се наменети за зелен регион и за управување со води.
На состанокот на Комитетот за мониторинг беа присутни градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, проектната менаџерка на Европската Комисија Габи Хагмулер, како и копретседавачите, замениците министри за локална самоуправа од Бугарија и од Северна Македонија, Десислава Георгиевска и Зоран Димитровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

