Македонија
Град Скопје: Утре ќе се објави јавниот повик за приватните превозници, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да конкурираат
Јавниот градски превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајот организацијата на јавниот градски превоз е обврска на Град Скопје и ЈСП „Скопје“, се истакнува во соопштението од Град Скопје.
Основна заложба на ова градско раководство, како што велат од таму, е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Додаваат дека Град Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеаја да оспособат 130 автобуси од флотата на ЈСП, со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година на 270.
На овој начин, како што посочуваат, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра, поевтина, сигурна и стандардизирана услуга.
Што се однесува до јавниот повик, тој, според Град Скопје, ќе биде објавен утре, а се однесува на линиите од кој градот Скопје има потреба – тоа се линиите со бр. 20 и бр. 22. Единствена разлика, како што појаснуваат, е во тоа што ниту „Слобода превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да може да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.
Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група приватни превозници.
Што се однесува на патетиката на ВМРО-ДПМНЕ, ги повикуваме да одговорат на следните прашања:
– Дали Христијан Мицкоски со неговиот директор на штаб, Орце Тодоровски, инаку притворен и првообвинет во случајот „Делчевски ниви“, договараа набавка на 150 автобуси од Унгарија?
– Дали Христијан Мицкоски и неговиот актуелен шеф на штаб, Ивица Томовски, преку негови фирми е единствен подобен за одржувањето и чистењето во општините, училиштата и претпријатијата во кои ВМРО-ДПМНЕ е власт?
– Дали Христијан Мицкоски со Ковачевски имал тајна средба во еден скопски локал?
– Дали е точно дека Христијан Мицкоски, Александар Николоски, заедно со Зоран Заев и Венко Филипче, пред два месеца имале заеднички ручек во ресторан во Малешевијата, каде што се зборувало за уставните измени?
– Дали е точно дека Христијан Мицкоски има истрага во ОЈО ГОКК за криминал со хидроцентрали, кој се држи во фиока?
– Дали е точно дека брат на член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски, сопственик на фирмата „Моби саунд“, е единствен организатор на манифестации во општините во кои власт е ВМРО-ДПМНЕ?
– Дали е точно дека Игор Јанушев, другар на Христијан Мицкоски и актуелен пратеник, како директор на ЈСП склучил штетен, речиси криминален договор со фирмата „Маратон“ за рекламирање на автобусите на ЈСП, и дали е точно дека од овој бизнис се делат и провизии?, прашуваат од Град Скопје.
Што се однесува на вицепремиерот во Владата на СДСМ, Фатмир Битиќи, пред да зборува за некаква си неподготвеност на Градот, првин да одговори на следните прашања:
– До каде е автопатот кон Охрид?
– До каде е автопатот кон границата со Бугарија?
– До каде е клиничкиот центар?
– До каде се инвестициите од „Гугл“ и „Фејсбук“?
– До каде е инфлацијата?, се истакнува во соопштението од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.
Македонија
МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.
На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.
Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно – здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.
Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

