Свет
Јапонија, Велика Британија и Италија заеднички градат борбен авион од новата генерација
Јапонија ќе работи со Велика Британија и Италија на проектот за нова генерација борбени авиони, рекоа трите земји, додека Токио се обидува да ја зајакне својата одбранбена стратегија во сложено геополитичко опкружување.
Токио, Лондон и Рим ќе започнат амбициозен проект за развој на борбени авиони од новата генерација, а прототипот се очекува до 2035 година, како дел од Глобалната програма за борбено воздухопловство (GCAP), се наведува во заедничката изјава на владите на трите земји.
Како што се наведува, ќе има можности за соработка и со други партнери. Јапонија се обидува да ја прошири одбранбената соработка со други партнери, покрај нејзиниот традиционален сојузник САД.
Соработката ќе се заснова на истражувања кои веќе ги иницираа трите земји во областа на високите технологии во борбената авијација, како што се беспилотни летала, и претставува прва асоцијација на Јапонија со европските партнери во оваа област.
Многу детали за проектот сè уште не се познати, вклучително и колку ќе чини, изјави претставник на јапонското Министерство за одбрана, кој прецизираше дека производството треба да почне околу 2030 или 2031 година за да може да биде изграден прототип до 2035 година.
„Кога ќе ги погледнете другите земји, САД го имаат F35, а Европа го има Eurofighter. Сигурно ќе се стремиме да развиеме борбени авиони кои ги надминуваат можностите на тие модели“, рече претставникот.
Во центарот на проектот треба да бидат јапонската Mitsubishi Heavy Industries, британската BAE Systems и италијанската Leonardo, покажуваат податоците на јапонскиот економски весник Nikei.
„Ние сме решени да го браниме слободниот, отворен и заснован на правила меѓународен поредок, кој сега е поважен од кога било, бидејќи овие принципи се оспорени, а заканите и агресијата растат“, се вели во соопштението на трите земји.
„Со оглед на тоа што е важно да ја браниме нашата демократија, нашата економија и нашата безбедност и да ја заштитиме регионалната стабилност, ни требаат цврсти партнери во областа на одбраната и безбедноста, опремени и зајакнати со веродостојна моќ за одвраќање“, се додава во соопштението, пренесе рс.н1.инфо
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Турски борбени авиони соборија дрон „надвор од контрола“ во близина на брегот на Црното Море
Турција собори беспилотно летало „надвор од контрола“ кое се приближувало до нејзиниот воздушен простор над Црното Море, соопшти во понеделник Министерството за одбрана. Инцидентот се случува по украинските напади врз руските танкери од „флотата во сенка“ покрај турскиот брег и предупредувањата од турските политичари за опасностите од ширење на војната во Украина, објави АП њуз.
Министерството во соопштението наведува дека борбените авиони Ф-16 биле испратени по откривањето на објектот. „За да се избегне каква било потенцијална штета, тој бил соборен во безбедна зона надвор од населените области“, се додава во соопштението. Во соопштението не се дадени дополнителни детали за локацијата или времето на инцидентот.
Украина соопшти дека нејзините поморски беспилотни летала погодиле два танкери на 28 ноември, додека трет брод бил погоден на 2 декември додека се движел кон турското пристаниште Синоп. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди претходните напади како закана за „безбедноста на навигацијата, животите и животната средина, особено во нашата ексклузивна зона“.
Свет
Лукашенко: Мадуро е добредојден во Белорусија ако ја напушти функцијата
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро би бил добредојден во Белорусија доколку ја напушти функцијата, но дека за ова прашање не е разговарано со Мадуро, според цитат од интервју за американскиот новински канал Newsmax објавен во понеделник на канал на Телеграм поврзан со администрацијата на Лукашенко.
Тензиите се зголемија меѓу САД и венецуелската влада, при што САД распоредија воени сили во јужниот дел на Карибите, напаѓајќи бродови за кои се тврди дека носат наркотици.
Закани за воена интервенција
Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека наскоро може да започне копнени операции во Венецуела.
Венецуелската влада вели дека САД бараат промена на режимот за да ги преземат огромните нафтени резерви во земјата.
Притисокот од САД речиси го парализира извозот на венецуелска нафта од минатата недела, при што само танкерите изнајмени од „Шеврон“ што носат венецуелска сурова нафта во САД отпловиле со претходно одобрение од Вашингтон, покажуваат записите.
Свет
(Видео) Државата Вашингтон нареди итна евакуација во три предградија на Сиетл
Властите во американската држава Вашингтон издадоа наредба за итна евакуација за три јужни предградија на Сиетл во понеделник откако попушти насип по една недела континуирани и обилни дождови. Наредбата на округот Кинг се однесува на домовите и бизнисите во делови од Кент, Обрн и Туквила, источно од реката Грин.
Во исто време, Националната метеоролошка служба (NWS) издаде предупредување за ненадејни поплави за речиси 47.000 луѓе. Пробивањето на насипот се случи по една недела рекордно високи нивоа на водата, што веќе предизвика масовни евакуации.
Рекордните врнежи од дожд предизвикуваат хаос
Невообичаено моќен временски систем, познат како „атмосферска река“, донесе повеќе од 30 сантиметри дожд, зголемувајќи го нивото на реките низ целата држава, сè до канадската граница, на опасни нивоа. Бројни лизгања на земјиштето опустошија населени подрачја, уништувајќи домови и оставајќи семејства заробени на покривите додека чекаа да пристигнат спасувачките екипи.

