Македонија
Маричиќ: Напредокот кон ЕУ е загарантиран со ефикасна борба против корупцијата
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, по повод Меѓународниот ден на борба против корупцијата, во соработка со заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и евроамбасадорот Дејвид, организираа состанок со претставниците на сите институции кои се надлежни за борба против корупција.
„Борбата против организираниот криминал и напредокот на патот кон ЕУ се два меѓусебно поврзани процеси кои ја забрзуваат нашата евроинтеграција. Меѓународниот ден на борба против корупцијата оваа година го одбележавме како земја преговарач со ЕУ и земја која преку нов Акциски план во наредниот период се фокусира на негово доследно спроведување, за брзи резултати и исполнување на европските стандарди и принципи“, истакна Маричиќ на состанокот.
Посочи дека владеењето на правото, независноста на правосудството, доследната и неселективна борба против криминалот и корупцијата, со широка и обврзувачка транспарентност, остануваат стратешки приоритет на оваа Влада, на патот кон ЕУ.
„Борбата против корупцијата и спроведувањето на антикорупциските политики и мерки е една од главните цели и приоритети на државата. Токму тоа ни беше целта кога во преговарачката структура ја воведовме и позицијата на Главен антикорупционер, одговорен за хоризонтална координација на сите политики од точка на борба против корупцијата и спречување судир на интереси“, рече Маричиќ, додавајќи дека тоа е владиниот одговор и препознавање на важноста на оваа област за Европската унија.
Увери дека постои политичка волја и желба за справување со овој општествен феномен и дека неколку пати до сега го имаат докажано во меѓународни извештаи каде се бележи подобрување на позицијата на Северна Македонија во борбата против корупцијата.
„Најновиот индекс за перцепција за корупцијата за 2021 година на „Транспаренси интернешнл“ нотираше подобрена позиција на земјата во однос на претходната година – 87 место, за разлика од извештајот од 2020 година кога беше на 111. Северна Македонија се наоѓа на 63 место од 140 држави според „Индексот на владеење на правото“ на вашингтонската невладина организација „World Justice Project“ што е за едно место подобро рангирана во споредба со минатата година кога бевме на 64 место“, потенцираше Маричиќ.
За него овие извештаи се доказ за вистински промени, напредок и искрена намера која ја имаат во пристапот кон борбата со корупцијата, но не е доволно.
На состанокот присуствуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, претседателката на Комисијата за политички прашања Соња Мираковска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, претседателката на Судскиот Совет Весна Данева и дел од дипломатскиот кор во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

