Економија
Бислимоски: Дали ќе има нова цена на струјата ќе се знае за околу две недели

Откако ќе завршат тендерите за набавка на електрична енергија на универзалнииот снабдувач ЕВН Хоме и за набавка на загуби за МЕПСО и во Електродистрибуција за околу две недели ќе се знае новата цена на електричната енергија за домаќинствата, односно дали и колку ќе има зголемување на сметките.
„Кога ќе завршат од компаниите ќе добиеме барање за определување на нивните цени за 2023 година. Понудите ќе бидат доставени во следните две недели. Треба да се види колку ќе бидат трошоците за набавка на загуби, колкава ќе биде цената на берзата на ХУПЕКС која денес е околу 400 евра за мегават-час и по колкава цена ќе може ЕСМ да му продава на универзалниот снабдувач ЕВН. Досега беше 48 евра за мегават-час.
Блоковите ќе останат и во 2023 ходина, резултатите се добри, има 16% намалување на потрошувачката. Но, сега во следните месеци ќе видиме каков ефект ќе имаат со оглед на грејната сезона и потребата од греење со клими“, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Во пресметките на цената на струјата не влегува увозот кој ЕСМ го прави во рамките на слободниот пазар, а е наменет за да се покријат загубите во пренос на МЕПСО и Електродистрибуција од околу 1.000 гигават-часови годишно.
„На ЕСМ му се дадени дополнителни обврски од државата, да обезбеди струја за техничките загуби во преносот на струја и тоа е околу 1.000 гигават-часови. Тоа не е обврска од законот за енергетика, туку наметната од Владата за да се избегнат големи трошоци на загуби.
Доколко МЕПСО и Електродистрибуција ги набавуваа своите загуби од слободниот пазар како што се прави од 2012 година, тогаш вкупните трошоци на двете компании би биле повисоки за околу 300 милиони евра. За да не паѓа тоа на товар на потрошувачите, ЕСМ по налог на Владата презеде обврска да ги обезбеди овие по многу пониски цени од пазарните и тоа е некаде од 143евра за мегават-час. И тоа го прави ЕСМ во рамки на слбоодниот пазар на електрична енергија. Овие увози не влегуваат во пресметките на цената на струјата“, рече Бислимовски.
Тој тврди дека во 2023 година потребите за увоз на електрична енергија на малите потрошувачи и домаќинствата ќе бидат нула денари, а бил убеден дека ќе биле нула денари и оваа година ако не се случеа преминувањата од слободниот на регулираниот пазар.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.