Македонија
Тренчевска : Соработката со меѓународните организации е од особена важност во унапредување на социјалната заштита
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со директорката на мулти – државната канцеларија на UNOPS задолжена за Србија, Црна Гора, Mакедонија и Украина, Михаела Телатин како и Советникот за поддршка во управување со проекти за канцеларијата на UNOPS во Скопје, Ванелин Рангелов. На средбата се разговараше за интензивирање на соработката помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на UNOPS.
„Во делокругот на она што го работиме како Министерство како еден од нашите идни приоритети е социјалното домување. Ние ја препознаваме важноста сите граѓани во државата да имаат нормални услови за живеење. Затоа во фокусот на нашите политики се секогаш ранливите категории на граѓани“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека министерството продолжува посветено да работи на развивање на социјалните услуги и детската заштита.
„Неуморно се залагаме за енергетски ефикасни градинки и економски независни, за таа цел поставуваме фотоволтаици на оние градинки на кои немаме веќе поставено. На овој начин придонесуваме во заштеда на електрична енергија како и можност за пренамена на средствата од буџетот на градинките за влог во објектите на градинките со цел подобри услови за дечињата. Особено е важно тоа што вложуваме и во панели за прочистување на воздухот со што директно влијаеме на зачувување на животната средина“ рече Тренчевска.
За време на средбата директорката, Михаела Телатин ја истакна важноста од соработката на UNOPS и Република Северна Македонија за интеграцијата во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Ако за ДУИ промената значи само смена на координаторот Беџети, тогаш го запечати својот политички крај
Движењето ВЛЕН во соопштение оцени дека дебаклот бил јасен како ден и дека ДУИ е избришана од политичката карта.
„Сите го видоа, сите знаат дека ДУИ е избришана од политичката карта. Само оние што ја уништија, денес се прават дека не разбираат. Наместо да го прифатат крајот, тие измислуваат теории на заговор како што некогаш правеше нивниот пријател кој сега живее во егзил, Никола Груевски. Тие измислуваат имагинарни непријатели и следни ‘виновници’, но никогаш себеси. Две децении ја хранеа власта со лаги и страв, а денес, кога народот им ја затвори вратата, немаат ни минимално достоинство да молчат. ДУИ не падна случајно, туку беше соборена од ароганцијата, измамата и кражбата што ја претворија во партиска култура,“ се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН додаваат дека најавите за анализа во партијата не се искрени:
„Велат дека ќе ‘анализираат’. Но, каква анализа е ова, кога пред јавноста се појавуваат истите лица што ја уништија партијата? Наместо размислување, тие продолжуваат со пропаганда. Блерим Беџети повторно се појавува на сцената, човекот кој симболизира сè што Албанците го отфрлија: ароганција, неморал и навреда на интелигенцијата на граѓаните. Со секое јавно појавување, ДУИ уште еднаш го запечатува својот неуспех, докажувајќи дека повеќе нема идеи, нема морал и нема луѓе што можат да ја спасат од колапс.“
Во соопштението се вели и дека најавените реформи во ДУИ се само формални:
„Сега дури се двоумат да го употребат зборот ‘реформа’ и да го заменат со формулата ‘да им се даде простор на новите генерации’. Но, како го започнуваат ова? Со тоа што како знак на промена објавуваат дека Блерим Беџети повеќе нема да биде координатор на пратеничката група! Ова е ‘реформата’ што ДУИ ја ветува за поместување на столчињата, но не и на луѓето кои две децении станаа синоним за ароганција и злоупотреба. Ако за нив ‘промената’ започнува и завршува со Блерим Беџети, тогаш ДУИ го запечати својот политички крај,“ завршува соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Министерството за дигитална трансформација со јавен повик за изработка официјални веб-страници
Како дел од иницијативата за дигитализација на локалната самоуправа, но и подобрување на комуникацијата на јавниот сектор со граѓаните преку современи дигитални решенија, Министерството за дигитална трансформација објавува Јавен повик до единиците на локална самоуправа и институциите од јавниот сектор во Република Северна Македонија за изработка на официјални веб страници.
Јавниот повик е во насока на унапредување на дигиталната инфраструктура и зголемување на транспарентноста и пристапноста на локалните самоуправи.
Право на пријавување имаат сите општини и институции од јавниот сектор во Република Северна Македонија, без разлика на нивната големина, број на жители или моменталниот статус на нивната веб страница.
Пријавите може да се достават најдоцна до 31.12.2025, електронски: [email protected] или на адреса: Министерство за дигитална трансформација, бул. Филип Втори Македонски, бр. 11, 1000 Скопје.
Пријавите ќе се обработуваат по принципот „прв дојден прв услужен“ се до пополнување на расположливиот број на општини и институции што можат да бидат опфатени. Министерството ќе ги известува пријавените општини и институции за статусот на нивната апликација.
Подетални информации на следниов линк
Министерството за дигитална трансформација ја охрабрува секоја општина и институција од јавниот сектор, да аплицира и да ја искористи можноста за модерна и интерактивна комуникација со своите граѓани.
Македонија
„Граѓаните жестоко ги казнија политиките на Филипче под менторство на Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Македонските граѓани направија вистински избор, во локалните самоуправи избраа трудољубиви и чесни лица кои посветено ќе работат за подобрување на животот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа не е вистинскиот избор само кој да ги води општините, туку тоа е вистинскиот избор за Македонија да почне да ги гради темелите кои се рушеа за седумгодишното владеење на СДС.
Граѓаните ги препознаа досегашната работа, искрените намери и одлучност Македонија да почне да се развива, затоа и ги избраа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ.
На овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник, освои 54 општини и градот Скопје.
Овие локални избори се значајни и поради фактот што во општини како Кичево, Карпош и Струга со победата на ВМРО-ДПМНЕ се случија и историски промени.
Благодарение на поддршката и довербата од граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ издвојува големи победи и во Валандово, Дојран, Брвеница, Берово, Делчево, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане и Чучер Сандево, до сега раководени од кадри на СДС.
Со победата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Град Скопје, граѓаните избраа работа, решавање на хаосот и реални проекти за развој на градот.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и во останатите општини убедливо победија, наспроти нивните противкандидати.
Од друга страна, пак, на овие избори СДС доживеа уште еден огромен дебакл и сега веќе е трета партија во државата, зад ВРЕДИ, нашиот коалициски партнер.
Со околу 126 илјади гласа, СДС освоени само 6 општини и околу 230 советника. На ова ниво, до сега СДС никогаш не биле.
Ова е јасна порака дека граѓаните се против политиките на Венко Филипче и неговиот ментор, Зоран Заев. Наместо да се оградат и дистанцираат од него, Филипче и целото раководство на СДС, продолжуваат да го величат ликот и делото на Заев, човек кој ја распродаде и уништи Македонија.
Тоа граѓаните, не само што веќе не го трпат, туку и жестоко го казнуваат.
На Македонија и треба силна опозиција која со конструктивни политики и со луѓе со кредибилитет, ќе биде коректор на власта. А, Филипче и ова раководство на СДС во моментов се во политички офсајд и без никаков кредибилитет.
Затоа се потребни итни промени во раководството на СДС, време е Филипче да замине од политиката и да ја ослободи партијата за нови и некомпромитирани кадри“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

