Спорт
Фердинанд: Меси игра како Бог
Аргентина и Хрватска ќе играат во вторник од 20 часот во полуфиналето на Светското првенство во Катар. Аргентинците се надеваат дека капитенот, Лионел Меси, ќе ги однесе во финалето.
Рио Фердинанд, поранешниот англиски репрезентативец и ас на Манчестер јунајтед е воодушевен од настапите на Меси во Катар.
„Меси е најдобриот поединец досега на Светското првенство. Тој игра речиси како Бог. Никогаш не сум видел такво нешто“, изјави Фердинанд.
Еден од најдобрите играчи на сите времиња на пет натпревари во Катар постигна четири гола и забележа две асистенции. Беше директно вклучен во шест од деветте гола на „гаучосите“.
Меси пред Мундијалот најави дека ова ќе му биде последно СП. Напаѓачот на ПСЖ има 35 години, а во кариерата му недостига само светската титула. Досега има освоено еден голем трофеј со репрезентацијата, Копа Америка минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Победникот на Тур де Франс призна дека се дрогирал
Поранешниот германски велосипедист Јан Улрих (50) го искоментира неодамнешниот документарен филм во кој признал дека користел допинг во текот на неговата кариера.
Улрих победи на Тур де Франс во 1997 година, кога во пет етапи заврши на второто место. Тој за германската телевизија WDR изјави: „Документарниот филм Der Gejagte (Ловениот) беше еден вид терапија за мене и сега можам отворено да разговарам со моите деца за тоа.
Она што луѓето мора да го знаат е дека дури и спонзорите знаеја се, допингот беше систематски, бев добро платен и договорот беше да не зборувам за тоа. Згрешив, бев негативец“.
Пеколот започнал кога ја завршил кариерата.
„Алкохол, дрога, паднав во дупка и за малку ќе завршеше катастрофално. Практично бев мртов и го видов пеколот. Тогаш си реков дека следната недела или ќе бидам мртов или ќе си го вратам животот. Љубовта на моите деца беше одлучувачкиот фактор“.
Професионалната кариера на Улрих траеше од 1995 до 2006 година.
Спорт
Јовиќ си оди од Милан
Српскиот репрезентативец Лука Јовиќ не е во плановите на тренерот на Милан, Пауло Фонеска, а големи се шансите тој да го напушти „Сан Сиро“ во зимскиот преоден рок.
Ова го тврди познатиот италијански новинар Никола Шира, кој нагласува дека поранешниот центарфор на Реал Мадрид бил блиску до заминување од клубот летово, но дека ги одбил сите понуди.
Центафор Милан сезонава одигра само два натпревари во дресот на клубот од „Сан Сиро“ и собра скромни 64 минути на теренот, без конкретен статистички учинок.
Португалскиот тренер, чија позиција исто така не е сигурна, има многу поголема доверба во некои други играчи, па медиумите на Апенините пишуваат дека сето тоа упатува на сигурна разделба во зимскиот преоден рок, особено што актуелниот договор истекува во јуни следната година и Јовиќ може во јануари да преговара со други клубови.
Спорт
Платини предложи револуционерна промена во фудбалот
Легендата на францускиот и светскиот фудбал, Мишел Платини предложи револуционерна промена. Тој иднината на фудбалот ја гледа во игра10 на 10, а не 11 на 11.
Платини, поранешниот претседател на Европската фудбалска унија, оцени дека натпреварите би биле поатрактивни за гледачите доколку во тимот има десет играчи и дека тоа би создало повеќе простор за игра.
„Можеби треба да повлечеме еден играч и да имаме тим со десет луѓе. Со 11 играчи се игра од 1900 година, но тогаш имаше помалку трчање. Играчите не беа толку силни и играа побавно“, рече Платини.
Платини изрази жалење за досегашниот развој на фудбалот.
„Луѓето од мојата генерација повеќе не гледаат фудбал затоа што не се пронаоѓаат себе си во ваквата игра. Денес има повеќе додавања наназад отколку напред, а во посед на топката има многу додавања. Не критикувам. Но луѓе од мојата генерација кои доживеале поофанзивен фудбал, не сакаат да гледаат таква игра“, додаде славниот Платини.