Македонија
(Видео) Ковачевски: Безбедносната состојба во државата е стабилна

„Скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата“. Ова е ставот на премиерот Димитар Ковачевски прашан што се презема за да се најдат дојавувачите на бомби во трговски центри, училишта, институции, згради. Ковачевски појасни дека голем дел од дојавите се прават преку т.н. ВПН врски хостирани во странство.
„ВПН се виртуелни приватни мрежи хостирани во странски држави. Затоа се работи со партнерски служби. Ова е хибридна војна. МВР работи интензивно со партнерските служби. Да, секојдневно комуницираат. Со НАТО и другите земји со кои имаме соработка. Се прават анализи со службите за безбедност. Што се однесува за мерките по секоја дојава – тие мора да бидат спроведени по протокол, без импровизација. Одделот за антитероризам ги проверува сите училишта за да може во најкус рок да се утврди дека се лажни дојавите“, кажа Ковачевски.
Упати порака до граѓаните да не учествуваат во овие активности.
„ Безбедносната состојба во државата е стабилна. МВР успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава. Што се однесува на монструозниот чин на дојава на бомби, која прво започна во автобусите во ЈСП, па училиштата во Скопје и други градови, а пријавите се проширија и на трговски центар и станбени работи – тие се поврзани со јавноста која е впрочем еден од клучните работи во делот на тероризмот“, додаде тој.
Македонија не е единствена со ваков проблем, додаде тој.
„ На ваков тип напади масовно се изложени и соседните земји. На пример, вакви последни дојави има во Црна Гора, Србија, како и подалечни земји – Нов Зеланд, Канада, САД, Германија итн. Според експертите од оваа проблематика особено се зголемени по војата во Украина, која е најпогодена од ваквите напади“, додаде премиерот.
МВР во однос на дојавите за бомби дејствува со полн капацитет.
„ Секторот за борба против тероризам до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против малолетник од Скопје за кривично дело тероризам, бидејќи испратил заканувачка порака за поставени бомби во четири училишта. Тој го призна делото“, кажа Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целосна реконструкција и модернизација на пругата од Скопје до Кичево

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги започна подготвителните активностите за целосна реконструкција на пругата, односно железничката линија од Скопје до Кичево, која е дел од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај целосната реконструкција на постојната пруга, која сега е во многу лоша состојба, додаваат од партијата, работните активности опфаќаат целосна модернизација и нејзина електрификација.
„Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди.
По завршување и изработката на анализите, кои според највисоките европски стандарди траат 18 месеци, започнува втората фаза на изведување на работните активности на терен за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата.
Оваа инвестиција во железничката инфраструктура, освен економски придобивки за бизнисот ќе значи и подобро и поефикасно поврзување помеѓу главниот град Скопје и општините Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.
Овој проект уште еднаш ја потврдува посветеноста на Владата за унапредување на инфраструктурата и Македонија да ја направи центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.