Свет
Зеленски го распушти судот, вели дека Украина може да се бори и против корупцијата и против Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го распушти судот во Киев и рече дека Украина може истовремено да се бори против корупцијата и руската инвазија.
„На оваа приказна ѝ дојде крајот“, рече Зеленски доцна синоќа и посочи дека го потпишал законот за распуштање на Окружниот управен суд во Киев. Станува збор за институција која украинските антикорупциски власти ја споредија со криминална организација, а САД на 9 декември му воведоа санкции на претседателот на таа институција.
„Но, приказната за реформите продолжува – таа продолжува дури и во време на таква војна“, рече Зеленски во своето ноќно видеообраќање. Тој го потпиша законот истиот ден кога беше усвоен од украинскиот парламент.
Претседателот на судот Павло Вовк во објава на Фејсбук напиша дека одлуката за укинување на судот е чисто политичка и донесена набрзина и дека „оние кои денеска аплаудираат наскоро ќе зажалат“. Американскиот Стејт департмент објави дека Вашингтон вовел санкции за Вовк „за барање мито во замена за вмешаност во судски и други јавни процеси“.
Случајот за корупција против Вовк летово беше испратен до високиот антикорупциски суд на Украина откако случаите против него беа блокирани со години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
ФБИ изврши претрес во домот на поранешен советник на Трамп, кој долго време е негов жесток критичар

ФБИ денеска упадна во домот на Џон Болтон во Мериленд и изврши претрес. Болтон беше советник за национална безбедност за време на првата администрација на Трамп.
Според Асошиејтед Прес, рацијата е дел од истрагата за ракување со класифицирани документи. Иако претресот беше потврден од анонимни извори, Болтон не беше уапсен, а извршната канцеларија на ФБИ и Белата куќа не издадоа никакви соопштенија.
По напуштањето на администрацијата на Трамп, Болтон се профилираше како жесток критичар на сегашниот претседател. Според Ројтерс, Трамп претходно му ја укинал заштитата од Тајната служба, а Болтон изразил „разочарување, но не и изненадување“ од потегот.
фото: принтскрин
Свет
Шефовите на „Адидас“ отидоа во мексикански град за да се извинат: Ја присвоивме идејата за сандалите

Шефовите на „Адидас“ вчера посетија град во домородните краеви во јужно Мексико за да се извинат за дизајнирањето обувки инспирирани од традиционални кожни сандали, откако мексиканската влада ја обвини компанијата за културно присвојување.
Германската компанија за спортски обувки и облека испрати претставници од својата мексиканска подружница во Вила Идалго Јалалаг, град во државата Оахака, за да се извинат лично, откако тоа го сторија писмено минатата недела.
Проблемот се појави откако чевлите „Oaxaca Slip On“, дизајнирани од мексиканско-американскиот дизајнер Вили Чаварија, предизвикаа негодување кај домородците бидејќи многу личеа на нивните традиционални рачно изработени сандали „huarache“.
„Длабоко жалам што чевлите беа присвоени во овој дизајн, а не развиени во директно и значајно партнерство со заедницата на Оахака“, рече Чаварија во изјава испратена до „Би-Би-Си“.
Тој рече дека намерата отсекогаш била да се оддаде почит на силниот културен и уметнички дух на Оахака и нејзините креативни заедници. Мексиканскиот претседател беше меѓу оние кои се спротивставија на обувките, кои наводно биле направени во Кина без консултации или признание на заедниците што ги создале дизајните.
„Разбираме дека оваа ситуација можеби предизвикала непријатност и затоа јавно се извинуваме“, рече Карен Гонзалез, раководител на правни работи во Адидас Мексико. Во градот Вила Идалго Јалалага, неколку десетици луѓе се собраа на отвореното спортско игралиште за да ги слушнат претставниците на Адидас. На настанот беше изведена традиционална музика, а луѓето носеа традиционални носии.
Гонзалез спомена дека во иднина Адидас ќе се обиде да соработува со Вила Идалго Јалалага со цел да се гарантира почитувањето на културното богатство. Таа заедница има нешто помалку од 2.000 луѓе. Градоначалникот Ерик Фабијан му се заблагодари на „Адидас“ за одржувањето на ветувањето.
На почетокот на месецот, мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум на прес-конференција изјави дека „големите компании често земаат производи, идеи и дизајни од домородните заедници“ и дека владата го разгледува правниот дел за да ги поддржи.
Културното присвојување се дефинира како непризнаено или несоодветно усвојување на обичаи, практики, идеи на една нација или општество од страна на членови на типично доминантна нација или општество.
Регион
Две жени се удавија во морето во Бугарија

Два смртни случаја во вода се регистрирани денес на јужниот брег на Црното Море.
Околу 12.50 часот 56-годишна жена од Софија се удавила во незаштитениот дел од плажата „Делфин“ во близина на Ахтопол.
Еден час подоцна, околу 13.20 часот, на јужната плажа во Поморие, во морето почина 72-годишна туристка од Финска, која пристигнала во Бугарија на 16 август со својот сопруг.
Во двата случаја телата се однесени на обдукција во Одделот за судска медицина при Универзитетската болница во Бургас. Работата за расветлување на околностите продолжува.