Македонија
МЗШВ: Тутунот достигна рекордна просечна цена од 285 денари за килограм

Годинава, тутунопроизводителите ги соборуваат рекордите и испишуваат историја на досега највисока просечна откупна цена од 285 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40 % во однос на минатогодишната. Откупот на тутун од реколтата 2022 година тече интензивно во сите 200 откупни пункта, кои се навремено отворени на целата територија.
За годинешната реколта откуп вршат вкупно 10 регистрирани откупни претпријатија на 200 откупни пункта со 223 ваги и 216 мостри тутун. Досега се откупени 16,5 милиони килограми од вкупно произведени 25.850 тони. Според информациите од ДИЗ, се очекува откупот да биде целосно завршен пред Нова година, со што првпат во историјата сите тутунопроизводители на своите сметки ќе ги добијат парите пред новогодишните празници.
Аналогно на рекордно високата откупна цена, која заборува за квалитетен тутун од годинешната реколта, тоа значи дека и субвенциите по класи ќе бидат најголеми до сега.
Склучени се вкупно 29.653 договори за производство и откуп на тутун што претставува зголемување од 7 % во однос на реколта 2021 година. Зголемување имаме и на површините со тутун за 14 % повеќе во споредба со лани.
Производството и трговијата на тутун и тутунски производи има големо економско и социјално значење со учество од 3,8 % во домашниот бруто-производ. Тутунот е застапен со високи 80 % од вкупната површината под индустриски култури и претставува еден од најзначајните извезувани земјоделски производи со 18 % учество во домашниот извоз.
Според тутунските компании, земјава има најквалитетен тутун во регионот. Од тутунот годишно државата остварува околу 140 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува над 20 илјади семејства.
Субвенциите не се единствениот начин на поддршка, туку и другите мерки на Министерството. Оваа година првпат им се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун преку Програмата за рурален развој, подмерка 121.7 – Набавка на опрема за производство на тутун, со финансиска поддршка за корисник, која изнесува 4,5 милиони денари. Ова е уште еден податок за нашиот сериозен пристап кон производството на тутун, имаме првпат реализација на подмерката насочена токму кон тутунопроизводителите, соопштуваат од МЗШВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Адеми: Политичката асимилација на Албанците нема да помине

Денешната влада не е производ на демократски процес, туку резултат на таен и антидемократски договор, склучен во 2022 година меѓу македонските политички лидери, под диригенција на олигарсите кои ја контролираат македонската политика и самата економија на државата, истакна потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Овој договор, како што нагласи, имаше една единствена цел: дефакторизација и политичка асимилација на Албанците, претворајќи ги од државотворен фактор во симболична фигура внатре во институциите.
„Овој мрачен проект имаше за цел да ја поништи реалната политичка моќ на Албанците, да ја обесмисли албанската гласачка волја и да го негира легитимитетот на нивното политичко претставување.
И по парламентарните избори, овој план се претвори во пракса: откако албанскиот народ јасно проговори преку гласачките кутии, лидерот на ВМРО избра да го погази тој глас, внесувајќи во владата политички губитници од албанскиот блок – оние што не добија легитимитет од народот.
Тоа беше отворен чин на негирање на демократијата и еднаквоста, јасна и понижувачка порака до секој Албанец: „Вашиот глас не вреди. Вашиот збор не се слуша. За вашата судбина одлучуваат други, не вие.“
Тоа, според него, не е демократија, туку како што велат, мајоризација.
„Тоа е кршење на духот и буквата на Охридскиот мировен договор, документот кој ја гарантира функционалната мултиетничка демократија и еднаквата одговорност меѓу сите заедници, особено меѓу Албанците и Македонците – како двете столбови на оваа држава.
Секое отстапување од овој концепт ги поткопува темелите на државата и го загрозува меѓуетничкиот соживот.
Во изминатите 16 месеци, оваа влада се покажа како лабораторија на политичката асимилација.
Албанскиот политички фактор е исклучен од одлучувањето, маргинализиран во секој сегмент на јавниот живот – од економијата до културата, од администрацијата до централните институции.
Дури и таму каде што Албанците формално имаат позиции, тие се без реална политичка моќ.
Тоа не е претставеност – тоа е институционално понижување“.
Како што нагласи Адеми, се губи смислата Албанците да се натпреваруваат на избори, да изработуваат програми и да бараат доверба од народот, ако по изборите учеството во институциите не зависи од албанскиот глас, туку од волјата на македонскиот лидер.
„Што смисла има легитимитетот, ако тој се игнорира од мандатарот и се заменува со политички пазари зад затворени врати?
Тоа е политичка асимилација, процес насочен кон одземање на државотворниот статус на Албанците и нивно сведување на декоративна улога во владата.
Но овој план, колку и да е таен и добро испланиран, е осуден на неуспех.
Зашто Албанците повеќе не се набљудувачи на сопствената судбина.
Тие ја препознаа старата игра на Белград, облечена со костум од Скопје.
Тие го разбраа сервилизмот на албанските вазали кои прифатија да бидат дел од влада што го негира сопствениот народ.
На 19 октомври, Албанците ќе зборуваат на јазик кој не бара превод – на јазикот на политичкото достоинство.
Тој ден ќе биде референдум на националниот легитимитет, ден кога ќе се урне проектот на асимилацијата и ќе се возроди етничката еднаквост.
Албанците се автохтони и државотворни.
Тие не можат да бидат исклучени, игнорирани или заменети според желбата на некого“, потенцира Адеми.
Македонија
Мицкоски и Петрушевски со лаги го покриваат бугарскиот капитал на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ

Бране Петрушевски, човекот кој граѓаните го паметат како борец против покачувањето на платите и непријател на работниците, очајно се обидува преку лаги да ја скрие вистината за Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. А вистината е дека пола раководство, води фирми во Бугарија и според информациите во медиумите така ја финансираат партијата, велат од СДСМ.
„Затоа Бране Петрушевски и Мицкоски се надеваат дека со своите измислени приказни ќе го покријат срамот и лицемерието на нивната партија.
Година и пол неспособните од ВМРО-ДПМНЕ ја замајуваат јавноста, со хибридни напради, со дестабилизации, со дронови и измислени афери кои и пропаднаа една по една. Причирната е јасна, друго не знаат да сработат и да понудат.
Му порачуваме на Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ дека се прочитани и дека граѓаните овие нивни лаги веќе не ги слушаат“.
Наместо решенија и проекти, според нив, ВМРО-ДПМНЕ понуди само црна кампања против опозицијата, очајна стратегија на неуспешни и пропаднати политичари кои за година и пол докажаа дека власт не ја заслужуваат.
СДСМ, додаваат од таму, ќе продолжи да ја разоткрива оваа лажна и лицемерна власт и нема да влегува во калта во која тие се чустуваат комотни.
„Ќе зборуваме за реалните проблеми на луѓето, за платите кои не ги качуваат, за партизацијата која брутално ја прават, за блокираните реформи во секоја сфера, за криминалот и корупцијата која ја јаде државата“.
Македонија
Герасимовски: Парк кај Зелен пазар, реконструкција на вториот дел на Ленинова и модернизација на 30 улици и пјацети

Кандидатот за втор градоначалнички мандат Горан Герасимовски, најави вложувања во реконструкција на улици, уредување на јавни простори и зголемување на безбедноста на сообраќајот.
„Нови пешачки патеки, декоративно осветлување и повеќе зеленило долж улиците. Тоа е мојата визија, предвидена во новата програма. Приоритет ќе имаат пешаците и жителите, безбедноста е најважна, особено за семејства со деца, постари лица и велосипедисти“, рече Герасимовски.
Еден од поголемите проекти ќе биде целосната реконструкција на улицата „Ленинова“, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до Паркот на франкофонијата, според него.
„Ќе го обновиме она што е започнато со „Ленинова“, по истиот терк како и првиот дел на улицата. Ќе ги обновиме тротоарите, ќе поставиме велосипедска патека и ќе засадиме зеленило долж целата улица“, додаде тој.
Предвидено е и уредување на делот од Градски ѕид, од Зелен пазар до улицата „Македонија“.
„Просторот темелно ќе биде трансформиран со ново хортикултурно уредување, поставување клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Ќе има функција на мини урбан парк и ќе го поврзува пазарот со деловниот и станбен дел на општината. Овој потег е исклучително фреквентен и неговото уредување ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани“, истакна Герасимовски.
Планирани се реконструкции и партерно уредување на над 30 пјацети и улици, меѓу кои „Коле Неделковски“, „Христо Смирненски“, „Коста Веселинов“, „8 Март“, „Наум Наумовски Борче“, и др.
Во изминатите четири години, Општина Центар реконструираше 24 улици, со што се подобри инфраструктурата и се зголеми безбедноста на сообраќајот.
На барање на граѓаните се санираше улицата„ Орце Николов“, во делот на „лежечките полицајци.
,,Ги слушаме граѓаните и реагираме таму каде што е најпотребно. Таков беше случајот со улицата „Орце Николов“, која сега, по санацијата, е многу побезбедна“ рече Герасимовски.
„Овие четири години покажавме дека со труд и посветеност можеме многу да промениме. Продолжуваме со нов елан и со јасна визија , да го направиме Центар функционален и поубав, по мерка на секој граѓанин“, заклучи Герасимовски.