Македонија
(Интервју) Зоран Витанов: Претседателот на државата ја узурпира функцијата
Во Македонија немаме лидери, имаме луѓе што ја окупираат позицијата лидер, вели претприемачот Зоран Витанов во интервју за „Макфакс“.
„Има два вида лидери, оние што ги краси столчето – тие кога ќе седнат некаде и додека се таму, имаат авторитет, и оние што го красат столчето – всушност, каде и да седнат, бидејќи имаат автохтон авторитет, тие ја красат позицијата. Кај нас имаме луѓе што ги краси столчето. Погледнете ги сите бивши премиери, бивши претседатели, денеска во општеството се никој и ништо, тоа значи дека биле октроирани. Секој следен премиер е сè полош од претходниот“, нагласува Витанов.
Според него, народот во државата е навикнат на квазилидерство и октроирани лидери.
„Стево Пендаровски, што сега се нарекува претседател на државата, ги обвини луѓето дека како стока влегуваат во автобусите, а тој стана претседател внесувајќи ги луѓето како стока во автобусите давајќи им сендвичи. Претседателот на државата ја узурпира функцијата лидер. Го цитирам, но не се согласувам со него за тоа: ‘Треба да му земеме мерка секому што ќе се обиде да ги смени името и идентитетот на народот и тој доаѓа на власт и тој одобрува промена на Уставот, кој претходниот претседател не сакаше да го потпише. Тоа зборува дека ние имаме опортунисти, немаме лидери’“, вели Витанов.
„Нас нè водат губитници, ова е лудило, санаториум“, додава Витанов.
Оценува дека во државата постои огромна класна разлика меѓу населението, која од ден на ден станува сè поголема.
Запрашан за коментар во врска со тоа колку се реални најавите на актуелниот министер за економија, Крешник Бектеши, за намалувањето на цените на некои од основните животни производи, Витанов со одговор: Ве молам, да не се множиме со нули. Народот ги толерира Ахмети и Бектеши, треба да ги игнорираме, а не да ги анализираме“, потенцира Витанов.
Колку се реални проекциите на власта за предлог-буџетот за 2023 година, во каква состојба е државата на економски план, дали ќе имаме стабилен денар, дали и како менаџира власта во услови на криза, во што да се вложува во периодот што следува, во интервју за „Макфакс“, Зоран Витанов, претприемач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

