Македонија
Маричиќ-Доерти: Силна поддршка од ОК за европските реформи и продолжување на патот кон ЕУ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес оствари средба со државниот министер за Европа во британското Министерство за надворешни работи, Лео Доерти, на која разговараа за билатералната соработка, процесот на преговори на земјата со ЕУ, како и за безбедносната криза и последиците предизвикани од истата.
– За Северна Македонија значајна е силната поддршка од Обединетото Кралство за европските реформи и продолжување на патот кон ЕУ. Во контекст на две и пол децениските стабилни билатерални односи помеѓу двете земји имаме успешна соработка со нашите партнери и НАТО сојузници, која ќе продолжи и во иднина во делот на реформите и напредокот кон ЕУ, рече Маричиќ на средбата.
Соговорниците се согласија дека почетокот на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ е важен чекор за цел регион, кој е клучен за стабилноста и безбедноста на цела Европа, додавајќи дека успешното реализирање на скрининг процесот мора да биде поттик за забрзување на реформите и достигнување на европските стандарди и вредности.
Министерот Доерти ја потврди принципиелната поддршка на Обединетото Кралство за Република Северна Македонија во процесот на интеграција во Европската Унија, поздравувајќи ги заложбите од страна на македонската Влада за спроведувањето европски реформи и за целокупниот напредок постигнат во овој контекст. Тој истакна дека соработката помеѓу двете земји и понатаму ќе продолжи во сите области во кои Обединетото Кралство има можност да даде поддршка.
Разговарајќи за безбедносната криза, Маричиќ и Доерти се согласија дека Западен Балкан е клучен за европската безбедност. Соговорниците ја нагласија и потребата од координација во одговорот на предизвиците со кои се соочува Европа, вклучително и преку евроатлантската интеграција и поддршката за енергетска транзиција. Вицепремиерот Маричиќ посочи дека земјава е целосно усогласена со надворешната безбедносна политика на ЕУ, но и покрај тоа, неопходни се поддршка и координирано делување, со цел да се превенираат посериозни можни последици.
На средбата беа разгледани и можности за унапредување на соработката преку размена на британското искуство во рамки на евроинтеграцискиот процес, но и во клучните процеси поврзани со владеењето на правото, судството и внатрешниот пазар, како севкупни реформи за напредок на општеството и на европскиот пат.
Вицепремиерот Маричиќ, на состанокот со својот хомолог Лео Докрти, а во присуство на амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Н.Е. Метју Лосон, искрено се заблагодари за поддршката, ангажманот и придонесот во развојот на македонско-британските односи изразувајќи верување дека ќе продолжи партнерството и соработката помеѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

