Македонија
Згрешено знаме и географска положба на соседите во новиот учебник по историја за 5. одделение, МОН реагира
Во новиот учебник по историја за петто одделение стои дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Во лекцијата, пак, за Португалија згрешено е знамето на државата, каде што стои фотографија од шпанското знаме.
Во истиот учебник пишува дека највисокиот врв на светот – Монт Еверест на Хималаите, е висок 29.305 метри, што не е точно бидејќи Монт Еверест е висок 29.035 стапки, односно 8.849 метри.
Министерството за образование и наука и Педагошката служба почнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот.
Преку Националната комисија за учебници, како највисоко тело во процесот на одобрување учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите фактори во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување.
„Во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно-образовен процес. Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите фактори што учествуваат во процесот за градење поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата“, велат од МОН.
Министерството упати апел до сите автори и рецензенти што во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и до членовите на Националната комисија за учебници, да ги подигнат личната одговорност и посветеноста затоа што во овие прилично комплексни процеси тоа од нив, единствено, и се очекува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)

