Македонија
Тренчевска: Им го унапредуваме квалитетот на живот на пензионерите, креираме долгорочни системски решенија
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, оствари средба со членовите на извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), на која стана збор за актуелни прашања што ги засегаат пензионерите.
На средбата се направи осврт на досегашните политики и мерки, од кои директна придобивка имаат пензионерите. На почетокот на оваа година беше донесена новата методологија за усогласување на пензиите, која предвидува усогласување на 50 % со трошоците на живот и 50 % со просечната плата. Ова усогласување ќе се прави двапати во годината, септември и март.
„Како Влада насочени сме кон креирање и носење системски решенија, кои даваат резултати на долг рок. Заедно со вас пензионерите дојдовме до решение што нуди постојан раст на пензиите и овозможува подостоинствен живот на сите“, нагласи Тренчевска.
Во време на економска и енергетска криза Владата преку Министерството за труд и социјална политика обезбеди финансиска поддршка за март, април и за мај, со вкупна вредност од 3.000 денари за речиси 330.000 пензионери. Исто така, пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари се вклучени во последниот пакет антикризни мерки со финансиска поддршка од 1.500 денари и 750 денари за четири месеци.
Претседателката на Сојузот на пензионерите, Станка Трајкова, во името на сите пензионери се заблагодари на поддршката што пензионерите ја добиваат од Владата и од Министерството за труд и социјална политика и на вклученоста на претставниците на пензионерите во креирањето политики и мерки наменети за оваа категорија граѓани. Соговорниците се согласија дека во 2023 година во фокусот ќе биде дефинирањето на минималната пензија како уште еден чекор во обезбедувањето достоинствен пензионерски живот.
На средбата се разговараше и за социјалните услуги на локално ниво, кои Министерството за труд и социјална политика преку проектот за подобрување на социјални услуги ги реализира со општините и провајдерите како даватели на услуги.
Досега преку проектот се склучени 22 договора за грант со 27 општини, а со вториот повик до општините следува потпишување нови 12 договори, во кои се вклучени 17 општини.
„Ги доближуваме социјалните услуги на локално ниво во местото на живеење на старите лица со цел да им го олесниме секојдневието и да им го подобриме квалитетот на живот. Досегашните искуства од услугите помош и нега во домот за стари лица даваат позитивни резултати и задоволни корисници. Грижата за највозрасната категорија граѓани продолжува и понатаму. Им возвраќаме на оние што ја граделе нашата држава со овозможување спокојни пензионерски денови“, посочи Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

