Македонија
Уставниот суд поведе постапка за одлука на Општина Куманово, со која се овозможува градење надвор од центарот
Уставниот суд денеска ја одржа 41. седница со дневен ред на кој беа закажани осум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за слободи и права.
Меѓу предметите за кои се одлучуваше е и предметот во кој е оспорена одлука на Општина Куманово, со што се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: „Одлука за спроведување и планирање површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани надвор од централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4 од 12 јули 2022 година“, информира прес-службата на Уставниот суд.
„За овој предмет, Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка, со што изрази сомнеж во уставноста и законитоста на одлуката донесена од Советот на Општина Куманово. Имено, Уставниот суд оцени дека со одлуката директно се влијае на веќе почнатите постапки за добивање одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните што имаат почнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката. Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици. Поради ова, Уставниот суд одлучи да го запре извршувањето на одделни акти или дејства што се преземаат врз основа на оспорената одлука“, се наведува во соопштението од Уставен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.
Македонија
Мицевски: Владата има зголемен буџет за реформи во МВР
На денешната Комисија за финансии и буџет, на амaндманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски кој посочи дека Владата има планирано доволна сума во буџетот за реформи во полицијата, во делот на јавната безбедност и во секторот за внатрешни работи и поради тоа амандманот се одбива.
„Оваа влада има предвидено пари за инвестиции во МВР. Ако погледнете добро, за реформи во полицијата има предвидено зголемување од 238 % во однос на 2024 година, во делот за јавна безбедност зголемување од 14%, во секторот за внатрешни работи зголемување од 58%, во центарот за обука само зголемување од 61% во однос на 2024 годин. Конкретно за опрема и машини повеќе една милијарда денари, а не како што вие барате во амандманот 10 милиони денари, така да десет пати повеќе имаме планирано“, изјави Мицевски.
Тој исто така истакна дека Спасовски додека бил на функција не направил ништо добро за државата, туку баш во тој период имало највисока стапка на криминал и корупција и многу неразрешени случаи.
Во однос на тоа, Мицевски образложи дека апсурдно е покрај сите овие работи, Спасовски да кажува како треба да биде во иднина, а државата е вратена сто години наназад токму поради претходната власт.
„Нели е смешно и срамота, осум години бевте министер за внатрешни работи, сега да кажувате што треба да се смени и што треба да се инвестира. Од друга страна, сакам да ве потсетам што направивте вие за изминативе осум години како што сте министер, дел технички дел министерство МВР? Највеќе криминални пресметки и убиства и нерешени случаеви во историјата на Република Македонија, ниту еден фатен ниту еден ставен во затвор, дадени еден тон пасоши на белосветски криминалци кои шетаа како бизнисмени во Македонија. Во ваше време рекордни шверцувани опојни дроги, ваши најблиски соработници со службени коли фамилијарно одеа по одмори, ваши соработници началници сега се избркани од МВР затоа што давале тајни на криминални групи“, рече Мицевски.
Македонија
(Видео) Кузеска: Власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите
Без аргументи и без било какво чувство за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните соочени со големи поскапувања и раст на трошоците за живот ДПМНЕ ги одби амандманите на СДСМ за покачување на платите, истакна на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Како што рече, одбиени се амандманите за поголема плата за работниците, одбиен е амандманот за покачување на платите на полицајците за 20 проценти, на пожарникарите, на платите во образованието.
„Гледаме анти-социјални политики на Мицкоски и ДПМНЕ враќање на моделот во кој работниците ќе бидат само евтина работна сила. Се што е предлог за покачување на плати власта го одбива. СДСМ поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но ВМРО-ДПМНЕ и тоа го одби“, изјави Кузеска.
Од СДСМ велат дека според податоците од Државниот завод за статистика, животниот стандард на граѓаните се влошува, сиромаштијата расте. Четиричлено семејство има потреба од 62.021 денари месечно за основни трошоци. Синдикалната кошничка е зголемена за 722 денари само за еден месец. Сето ова, како што рече Кузеска, се индикатори дека народот има се помалку пари во џебовите.
Нагласи дека додека ВМРО-ДПМНЕ одбива амандмани за поголеми плати во исто време ги зголемува парите во буџетот за мебел и луксузни возила за функционерите. Со тоа, за нови возила ќе се потрошат 7,5 милиони евра, за нов мебел 1,5 милиони евра, за договорни услуги 80 милиони евра, рече Кузеска, и оцени дека тоа е апсурдно.