Македонија
(Видео) Пресечен меѓународен канал за криумчарење мигранти: Уапсени затвореници, полицаец и малолетници
Девет лица се уапсени во Скопје, меѓу кои има деца и полицаец, а по двајца се трага. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пресече меѓународен канал за криумчарење мигранти. Меѓу осомничените кои се гонат има и двајца затвореници. Тие се сомничат дека од мај до јуни, со поддршка од странци од арапските земји кои престојувале во Македонија, организирале група за илегално пренесување мигранти.
„ Осомничените заради стекнување имотна корист организирале илегално пренесување на мигранти од Авганистан, Пакистан, Сирија, Кашмир и Индија. Мигрантите, меѓу кои имало и малолетни лица, преку илегални премини т.н. зелена граница во околината на Гевгелија, Демир Капија и кумановско – липковскиот регион, биле пренесувани од Р.Грција и Р.Србија на територијата на РС Македонија, а потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, координирано биле носени на претходно утврдени и договорени локации од каде осомничените припадници на групата ги прифаќале и со патнички моторни возила ги превезувале до претходно договорените локации, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ“, велат од Обивнителството за гонење организиран криминал и корупција.
Пренесувањето на мигрантите течело така што првоосомничениот преку договор со организаторите од арапските земји, договарал кога и колку мигранти ќе влезат во Македонија, а потоа и колку ќе бидат изнесени.
„ Заради засилените полициски патроли и контроли на подрачјето на Гевгелија и на Демир Капија, ‘качаците’ преку мобилните интернет апликации, им испраќале пораки со GPS координати на организаторите за моменталната локација, кои понатаму организаторите ги споделувале со припадниците на групата“, велат од Обвинителството.
Обвинителството лоцирало и како се плаќале парите за криумчарењето.
„ За успешно извршено криумчарење на мигранти преку територијата на РС Македонија, на првоосомничениот – организатор на групата преку агенти за брз трансфер на пари Western Union и Ria, како и на „рака“ му биле исплаќани парични средства кои тој понатаму ги распределувал помеѓу припадниците на организираната криминална група во зависност од нивната улога во криумчарењето“, додава Обвинителството.
Полицаецот, обезбедувач информации за тоа каде има патроли и заседи.
„ Заради успешна реализација на криумчарењето, организираната криминална група континуирано добивала логистичка и друга поддршка од осомничениот полициски службеник, кој со умисла на друг начин помагал обезбедувајќи информации за местото и времето каде нема да има полициски контроли, патроли или заседи, односно каде по рутата по која осомничените ги превезувале мигрантите има поставени полициски пунктови“, посочува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција..
Од мај до октомври, оваа криминална група илегално пренела најмалку 86 мигранти.
„ Предметниот обвинител, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, до судијата на претходна постапка и судијата за деца достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените“, додаваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.

