Македонија
Мицкоски: Ковачевски не е фактор кој одлучува во власта, фактор се ДУИ
При денешната посета на Општина Аеродром претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе има предвремени избори додека Ковачевски вели дека нема да има реконструкција на влада и парламентарните избори се во 2024 година истакна дека Ковачевски не е човекот кој одлучува, во власта фактор се ДУИ, Али Ахмети и парите од тендерите што се делат, а најдобар термин за предвремени избори е на пролет.
„Час поскоро, час поскоро треба да се случат предвремени парламентарни избори првиот возможен термин треба да се случат тие предвремени парламентарни избори ако ме прашувате за конкретни дати сега не би зборувал за конкретни дати но мислам дека оваа пролет е одличен период кога би можеле да се случат тие предвремени парламентарни избори затоа што колку подолго остане оваа влада на ДУИ и СДСМ толку повеќе ќе губи Македонија и толку помалку ќе не има во Македонија, а сите буквално сите сакаат да направат штета на Македонија и на македонскиот народ сите, сите буквално партии во Македонија се организирани најпрвен преку ВМРО-ДПМНЕ да направат штета врз македонскиот народ а потоа и врз Македонија. Затоа мора час поскоро да се случат тие предвремени парламентарни избори за да престане Македонија да губи и да престане егзодусот на македонците од Македонија“, нагласи Мицкоски.
Во однос на тоа дали е возможно на пролет да има предвремени парламентарни избори бидејќи Ковачевски вели дека редовни би биле изборите, Мицкоски истакна дека Ковачевски не е човекот кој што одлучува.
„Го слушав вчера Ковачевски, Ковачевски не е човекот кој што одлучува, таму одлучуваат два фактори, таму одлучува ДУИ и ДУИ е свесен и Али Ахмети дека тој никогаш нема да биде во подобра позиција од оваа сега, најсреќен во оваа позиција е ДУИ и Али Ахмети. И вториот фактор се парите што се делат од тендерите во четири очи, таму нема стратегија, нема политичка мудрост нема визија, таму фактор е ДУИ и парите што се делат, но за среќа работиме на тоа да ги дефакторизираме овие два фактори, едниот е ДУИ и Али Ахмети а другиот е парите што се крадат, затоа што новата влада на ВМРО-ДПМНЕ има сериозна намера да се зафати со пресметка на криминалците во политиката, а тие во оваа влада ги има многу“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во мусаката од првата смена пронајдени бактерии, истите откриени и на чешмите во училиштето „Димо Хаџи Димов“
По стомачните тегоби кај десетици ученици во „Димо Хаџи Димов“, инспекциите утврдија нехигиена на чешмите во училниците и кујната. На Клиниката за детски болести моментално се лекуваат седум деца.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во примерок од мусаката која се служела во првата смена биле пронајдени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Исти бактерии, кои се индикатор на фекална контаминација, и предизвикуваат дијареа, повраќање, болки во стомакот, се откриени и на три чешми во училиштето – две во училниците и една во кујната.
„Од девет земени површини, три се позитивни – чешмите во две одделенија и една од кујната. Најдени се бактерии од групата Enterobacteriaceae. Овие бактерии даваат ваква клиничка слика каква што имаат веќе заболените, и укажуваат на нехигиена. Донесени се материјали за две деца од фецес, е едно е позитивно на норовирус – вирус кој се пренесува многу лесно и долго време живее на работните површини, како што се маси, столчиња. Брисевите од грло и нос од пет деца во текот на вчерапниот ден се негативни за ковид, а се чекаат резултати за други вируси“, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Од Институтот додаваат дека бројот на примероци и материјали е голем и дека анализите се во тек. ИЈЗ е во постојана координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за детски болести.
Случајот започна на 26 ноември, кога околу 40 ученици се пожалија на стомачни болки. ЈП „Водовод и канализација“ претходно информираше дека водата во училиштето е санитарно исправна по направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи.
Во меѓувреме, инспектори од АХВ спроведоа вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош, кои се снабдуваат од истиот оператор со храна, кој го стопанисува и централниот магацин во „Димо Хаџи Димов“.
Македонија
(Видео) Не тргнувајте кон Бит Пазар и Чаир: прославата на албанското знаме направи хаос во сообраќајот
Поради прославата на Денот на албанското знаме, сообраќајот во Чаир попладнево е силно отежнат, а делови од улиците кон Бит Пазар речиси се непроодни. Според граѓани кои се затекнале во областа, движењето е овозможено само во лентата резервирана за дефилето, додека останатите ленти и околни улици се блокирани со возила, што предизвикува застои и невозможност за движење.
Колоните што се движат со полициска придружба тргнуваат од пред Општина Чаир кон плоштадот Скендер-бег.
Денес, Денот на албанското знаме се одбележува во Албанија, како и меѓу Албанците во регионот и дијаспората. Празникот се слави како симбол на културна самосвест и национална припадност, со официјални манифестации.
Македонија
Жителите на Општина Кисела Вода добиваат 30 контејнери за текстилен отпад
Tриесет контејнери за текстилен отпад ќе бидат поставени на различни локации низ oпштина Кисела Вода, со што на граѓаните ќе им се овозможи правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување во процесите на селектирање и рециклирање.
Ова е овозможено со денешното потпишување на договорот меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје. Со воспоставената соработка се создава јасно дефиниран и одржлив систем за соодветно постапување со текстилен отпад, негово собирање, селектирање и рециклирање, во согласност со важечкото законодавство и највисоките еколошки стандарди.
Проектот ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, контејнерите ќе бидат поставени на 15 локации, пред месните заедници во општината, со цел тие да бидат лесно и рамномерно достапни за сите граѓани. Во втората фаза, дополнителни 15 контејнери ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки, со што иницијативата ќе добие изразена едукативна димензија, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и поттикнување одговорни навики уште од најрана возраст.
-Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите иницијативи испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Изразувам искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и за посветеноста со која придонесуваат кон почиста и поздрава околина- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје е регистриран колективен постапувач за управување со отпаден текстил, согласно Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Компанијата поседува значајно искуство во оваа област и претставува сигурен партнер во процесот на унапредување на системите за заштита на животната средина. Само во текот на 2024 година, истата има собрано околу 400 тони текстилен отпад на територијата на државата. Овој резултат е јасен показател за ефектите од систематското управување со текстилен отпад и за потребата од заедничко дејствување на институциите, компаниите и граѓаните во насока на одржлив развој и заштита на животната средина.

