Македонија
Криминал во Управата за водење на матични книги, буџетот оштетен за 2.836.260 денари
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против три физички лица и фирма поради Злоупотреба на службена положба и овластување.
Првопријавеното лице, вработено како раководител во Управата за водење на матични книги и второпријавеното лице вработено во Управата за водење на матични книги, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во текот на 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и јавна набавка на компјутерска опрема и за четвртопријавеното правно лице НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје прибавиле корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договори на вкупен износ од 35.621.240 денари.
Со така дефинираните дискриминирачки и несразмерни критериуми за квалитативен избор и склучениот договор со НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје, реализирана е набавка на компјутерска опрема за потребите на Управата за водење на матичните книги по цени далеку повисоки од реално пазарните цени и на тој начин пријавените лица предизвикале штета на Управата за водење матични книги во вкупен износ од 2.836.260 денари, соопшти Финансиската полиција.
Дополнително, прво и второпријавеното лице, поттикнати од третопријавеното физичко лице, во техничките спецификации за јавната набавка на услуги за дигитализација, предвиделе ставка за „техничка поддршка при процесот на внесување на податоци“ во висина од 359.507 денари месечен паушал, за кои услуги во моментот Управата за водење на матичните книги имала склучен договор со друг правен субјект и на тој начин без да постои реална потреба кон Управата се фактурира за иста услуга два пати, еднаш од страна на НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје, и еднаш од страна на другиот правен субјект, со што е предизвикана штета на Управата за водење на матични книги во вкупен износ од 2.157.042 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

