Спорт
Тен Хаг ја сака ѕвездата на Бенфика на „Олд Трафорд“

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, ја избрал португалската ѕвезда Гонсало Рамош како опција број еден за засилување на нападот на тимот во зимскиот преоден рок и ја соопштил својата одлука на управата на „црвените ѓаволи“.
21-годишниот играч одигра споредна улога за Бенфика минатата сезона кога Дарвин Нуњез го предводеше нападот на португалскиот тим, но Рамош се разви во клучен играч и во својот клуб, а покажа дека може да биде одлична замена и за Кристијан Роналдо во репрезентацијатра. Токму тоа му е потребно и на Манчестер Јунајтед.
Напаѓачот се најде на насловните страници за време на Светското првенство бидејќи постигна хет-трик за Португалците во победата од 6:1 над Швајцарија во осминафиналето.
Сепак, Гонсало Рамош нема да биде евтина аквизиција за Јунајтед, со оглед дека Бенфика веројатно нема да попушти да добие помалку од неговата ослободителна клаузула, која изнесува 120 милиони евра.
Жоао Феликс од Атлетико Мадрид, Мемфис Депај од Барселона и Рафаел Леао од Милан се другите имиња во потесниот избор на Тен Хаг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
УЕФА подготвува нова револуција, ќе има промени во квалификациите за ЕП и за СП

Квалификациите за Светско и Европско првенство во фудбал би можеле да доживеат целосна промена. УЕФА размислува за воведување систем сличен на Лигата на шампионите, пишува британски „Тајмс“.
Лига-шемата би овозможила повеќе големи натпревари, а помалите репрезентации сепак би имале шанса за дуели со силните селекции. Се размислува и за вклучување на Лигата на нации како дел од квалификациите.
Генералните секретари на 55 европски федерации се состанаа во Малага. Тие дискутираа за предностите и недостатоците на секоја опција.
Сегашниот систем со мали групи од четири или пет репрезентации е соочен со пад на интересот. Причина е и недостигот од атрактивни натпревари.
УЕФА сака максимален интерес и приход од квалификациите. Репрезентативните паузи често се гледаат како непожелна пречка, што организацијата сака да го промени.
Идниот систем може да користи од Лигата на нации, од Лигата на шампионите или да има сосема нов формат. На пример, ако Европа има 16 места за Светското првенство, првите 12 би се квалификувале директно, а останатите осум репрезентации би се бореле за преостанатите четири места во доигрување.
Спорт
Влаховиќ: За мене е ова најтешкиот пораз во репрезентативната кариера

Напаѓачот Душан Влаховиќ ја коментираше тешкиот пораз на Србија од Албанија (0-1). Фудбалерот на Јувентус зборуваше отворено за емоциите по мечот.
„Ова не е лесно. За мене е најтежок пораз од кога сум во репрезентацијата, и верувам дека другите момци се чувствуваат исто. Тежок ден, тешка вечер. Нема што друго да кажам“, изјави Влаховиќ.
И покрај необичната, речиси „театрална“ атмосфера на стадионот, тој нагласува дека тимот останал концентриран.
„Бевме фокусирани на играта на теренот. Атмосферата ја чувствуваш само кога топката не е кај нас. Но кога си концентриран, ретко го слушаш тоа што се случува на трибините. Мислевме дека мора да победиме. За жал, не успеавме. Сега треба да играме во Андора – ќе биде тешко, но мораме да се опоравиме за следниот меч и да победиме, затоа што сè уште имаме надеж.“
Влаховиќ призна дека најтешки моменти биле двете големи шанси кои не ги реализирал и ја превзема целосната одговорност.
„Најмногу сакав да постигнам гол, повеќе од било кој друг. Не успеав и многу жалам. Кажав во соблекувалната – не барав алиби. Сè можеше да биде различно ако постигнев гол во првото полувреме. Мечот можеше да тргне во друга насока и можеби ќе победевме. Сепак, загубивме и многу ни е тешко“, истакна Влаховиќ.
Спорт
Голманот на Барселона сигурно ќе го пропушти првото Ел Класико

Новото засилување на Барселона, голманот Жоан Гарсија, ќе го пропушти првото Ел Класико оваа сезона.
Шпанецот го повреди менискусот на коленото во мечот со Овиедо минатиот месец и мораше да оди на операција.
„Сè оди добро, но ќе се вратам за околу еден месец“, изјави Гарсија.
Тоа значи дека Барселона ќе продолжи да смета на Војчех Шчесни на голот.
Шпанските медиуми јавуваат дека ќе ги пропушти натпреварите со Жирона, Олимпијакос, Реал Мадрид, Елче, Бриж и веројатно Селта. Реално се очекува да се врати за мечот со Атлетик Билбао на 23 ноември, по следната репрезентативна пауза.