Македонија
(Видео) По апсењето на Табановце, петмина полицајци во притвор
На 26.12.2022, од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги – Единица за корупција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против 12 лица, и тоа: И. Н. (47), А. А. (41), Н. П. (40), Д. К. (43), В. Ф. (39), Х. К. (29), М. Ј. (28), Ф. К. (23), Ф. И. (36), А. Д. (28), Ј. Н. (38), сите од Куманово, и А. С. (24) од Кратово, вработени во Полициската станица за гранични проверки Табановце при Регионалниот центар за гранични работи Север поради постоење основани сомненија дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување по чл. 394, примање поткуп по чл. 357 вв чл. 23, злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 и злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 вв чл. 23 од Кривичниот законик.
Во рамките на криминалистичкото истражување од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, поради сознанија дека на граничниот премин Табановце од страна на група полициски службеници на организиран начин се вршат инкриминирани дејства со коруптивни елементи и во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, во соработка со Одделот за специјални полициски операции – Единица за брзо распоредување, на 25.12.2022 беа извршени претреси во службените простории на граничниот премин Табановце и во домовите на дел од кривично пријавените. По спроведената истрага за командирот, заменик-командирот и за 10 полициски службеници во Полициската станица за граничен премин Табановце, меѓу кои и раководител на смена, беа обезбедени материјални докази за нивна инволвираност во криминални активности, а при спроведените претреси кај лицата беа пронајдени предмети за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од кривични дела преку примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Членовите на оваа организирана криминална група активно дејствувале на граничниот премин Табановце од септември 2020 година како злосторничко здружување, при што за одредена парична награда, подароци и поволности што ги добивале од лицата што ја преминувале државната граница координирано не преземале службени дејства, а кои биле должни да ги преземат, при што стекнале голема противправна материјална и имотна корист. Секој член на оваа криминална група имал точно определена улога, при што И. Н., А. А. и Н. П., со умисла ги поттикнувале полициските службеници Д. К., В. Ф., Х. К., А. Д., Ф. К. и Ф. И. да вршат кривични дела овозможувајќи им полесно функционирање, заштита од контроли и проверки и други поволности при работењето, а од коруптивните кривични дејства добивале соодветен процент од заработката во текот на денот. Кај пријавените А. С., Ј. Н. и М. Ј., пак, при извршените претреси пронајдена е одредена сума парични средства, која не смееле да ја поседуваат додека извршуваат работни задачи во кабината за гранични проверки, при што го сториле кривичното дело примање поткуп.
При претресите извршени на 25.12.2022 по наредба од судија на претходна постапка, над лицата, во нивните домови, други простории и возила, пронајдени и одземени биле вкупно 16.413 евра во разни апоени, 219.195 денари, 60 швајцарски франци и 375 српски динари. Најголема количина пари биле пронајдени при претресот кај Х. К., односно вкупно 15.885 евра и 30 швајцарски франци. Исто така, при претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети, кои ќе бидат користени во кривичната постапка.
По извршените претреси по наредба од јавен обвинител, од слобода лишени се И. Н., А. А., Н. П., Д. К., Х. К., В. Ф., А. С., М. Ј. и Ј. Н..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.

