Македонија
Нека си се истакнат општинските градоначалници, нека работат малку, порача Арсовска
По низа обвинувања за политиканство и гола борба за популизам меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Скопје попладнево не го прифати амандманот на ВМРО – ДПМНЕ со кој бараа реализација на 98 проекти од кои најголем дел се реконструкции на улици во градот.
Градоначалничката Арсовска објасни дека бараниот обем за реконструкција на улици е поголем од годишните градски буџети и укажа дека голем дел од улиците во амандманот се веќе предвидени и на нив ќе се работи следната година.
„Не можете, доколку некои градоначалници не се способни да си го распределат нивниот буџет, вие да барате ние од основниот градски буџет место нашите проекти да ги реализираме нивните. Да, ние сакаме да помогнеме меѓутоа половина од она што пристига од средствата кои се одделени од страна на граѓаните си одат во општинските буџети. Нека си се истакнат општинските градоначалници, си имаат свои буџети, нека работат малку. Градот Скопје ќе помогне на секоја од општините, но пред се треба да ја работиме и да ја реализираме програмата за која граѓаните на вас ви дале поддршка и мене ми дале поддршка, а тоа е програмата ‘За модерно Скопје’. Приоритетни се проектите кои се таму наведени, не проектите на општинските градоначалници“, рече градоначалничката Арсовска пред гласањето за амандманот за кој рече дека технички неисправен и несериозен.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ со амандманот предложија дополнителни 35 милиони денари од буџетот на Градот да бидат наменети за обнова и реконструкција на улици, но „за“ гласаа само 16 советници, па амандманот не беше прифатен.
Советот на Скопје денес ја почна седницата на која треба да го изгласа буџетот за следната година, а од почетокот на седницата, пред четири часа, советниците од ВМРО-ДПМНЕ поднесуваат амандмани со разни проекти, а градоначалничката бара или да се повлечат или да се гласа против.
Речиси на секое излегување на говорница градоначалничката Арсовска не испушта можност на советниците од ВМРО-ДПМНЕ да им каже дека нема да дозволи градот да го управува „шпицниот градоначалник“, ги повикува да размислуваат со својот ум место да постапуваат по инструкции од лидерот, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја нарекуваат вешт оратор кој посегнува по лидери кога нема одговори на прашањата.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ шест пати побараа од градоначалничката Арсовска прецизно да каже кои нивни проекти од предложените 98 се прифатени, по што таа им рече дека тоа на граѓаните ќе им го соопшти на посебна прес-конференција.
Расправата по амандманите за буџетот на Град Скопје за 2023 година се уште е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За четири дена 2.450 сообраќајни прекршоци, уапсени 15 лица
Во периодот од 24 до 27 ноември како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.450 издадени платни налози, 454 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, соопшти МВР.
Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 15 лица, од кои 13 за возење под дејство на алкохол, а две лица за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 811 прекршоци за непрописно паркирање, 265 мерки се изречени за возачи кои управувале возило без возачка дозвола, девет санкции за минување на црвено светло, изречени се 33 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 15 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 132 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, како и 89 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно Законот за возила, 65 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 44 заради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за 17 возачи на моторни возила поради затемнети стакла односно непрописно вградени фолии.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Утре бесплатни уролошки прегледи во болницата „13 Ноември“
По повод Месецот на машкото здравје, ЈЗУ Специјална болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје, организира настан кој ќе се одржи утре, 29 ноември, со почеток во 10:00 часот.
Во рамки на настанот, за сите мажи ќе бидат обезбедени бесплатни уролошки прегледи, како и ехо прегледи на бубрези и простата, со цел подигнување на свесноста за значењето на навремената грижа за машкото здравје.
„Во рамки на настанот, ќе обезбедиме бесплатни прегледи за сите заинтересирани мажи. Прегледите ќе ги извршуваат: Уролошки прегледи ќе врши Д-р Дарко Марковски, уролог од ГОБ „8-ми Септември“, Ехо на бубрези и простата ќе вршат Д-р Марика Филипова, специјалист интернист и Д-р Марија Сековска, специјалист интернист од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје. Ова е одлична можност за навремена проверка, превенција и грижа за здравјето.
Сите заинтересирани се добредојдени“, велат од болницата.
Македонија
Утре нов „Марш на ангелите“ во Кочани
За утре, 29 ноември, е најавен нов „Марш на ангелите“ во Кочани. Предвидено е маршот да започне со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани.
„Паралелно со судскиот процес, ги повикуваме сите граѓани кои веруваат во човечноста и правдата да ни се придружат на 29 ноември 2025 г., сабота со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани. Да чекориме со љубов, со болка и достоинство, во име на оние што повеќе не можат да чекорат. Овој марш не е протест, туку мирен марш за правично судење, за да потсетиме дека зад секој “број” стои име, живот, семејство и болка. Нашата порака е едноставна, но длабока, за нашите деца, за вистинска правда за Македонија со совест. Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината“, соопштија од Здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани”.

