Култура
Денес почнува прославата за 50 години МКЦ
Со годишната програма по повод јубилејот 50 години МКЦ, Младинскиот културен центар денес напладне ги отвора своите врати за сите посетители, токму онака како што биле отворени во далечната 1972 година на 28 декември.
Целодневната програма, која буквално ќе исполни секое ќоше на МКЦ, почнува во 12 часот со програма за најмладите, односно отворени предавања во планетариумот. Во текот на попладневните часови ќе се одржат работилници за танц за деца, новогодишна работилница за деца со образовни потреби, работилницата „Арт и Крафт“ со уметниците Драган (Драш) Китановски и Марјан Димиќ, како и настап на инклузивниот хор „Ветерница“ и здружението „Трисомија 21“ по што следува и театарска претстава за деца „ЏИНче“ од театарот „Сенки и облаци“.
Програмата потоа продолжува со промоција на книгата „Неправилен ритам“ од музичкиот критичар и новинар Љупчо Јолевски во киното „Фросина“ од 18.30 часот. Во киното „Фросина“, со почеток од 15 часот, па сè до раните утрински часови, ќе се одвиваат проекции на филмови од програмата „Фестивали на гости“, која вклучува филмски проекции на фестивалите што со години веќе традиционално се одржуваат во Младинскиот културен центар: „Џифони“, фестивалот на планинскиот филм ЕХО , Скопскиот филмски фестивал, „Македокс“, „Киненова“, Филозофскиот филмски фестивал и новооформениот фестивалот на анимирниот филм „Флипбук“.
Во 19 часот е закажан перформансот на уметникот Мирослав Масин, кој специјално за јубилејот 50 години МКЦ наслика дело со наслов „Птици“, кое ќе биде трајно изложено во просториите на институцијата. Во рамките на ликовната програма планирани се ретроспективни изложби на плакати на МКЦ, како и дела на уметници што изложувале во галеријата, како и ликовен перформанс на младите автори Бранкица Јордановска, Ертунч Сали, Сања Симоска, Филис Синаноска, Воскресија Андреевска и Амир Карахасан со наслов „Го цртаме МКЦ“.
Главниот протоколарен дел е закажан во 20 часот, со настап на двата ансамбла на МКЦ, Градскиот дувачки оркестар и Женскиот младински хор, кој оваа година слави јубилеј 50 години, како и својата матична институција. По тоа, следуваат долгоочекуваните настапи на музичките групи „Бадмингтонс“, „Санаториум“, „Чиста околина“, Дина Јашари, „Суперхикс“ и 21 век.
Во новооформениот простор Клуб МКЦ, со почеток од 22 ч, ќе пуштаат музика 20 најтесно селектирани диџеи, кои имаат цел да ја анимираат публиката до раните утрински часови.
Да не ги заборавиме и двата одлични настана за прослава на литературната програма во МКЦ: „Битката на недоискажаните, односно фристајл-битка на поетите версус раперите“, како и поетскиот перформанс „Поетска епизода 3“.
Со оглед на габаритноста на театарот како уметничка форма и исполнетоста на просторот, театарската програма ќе се одвива во рамките на проекции на театарски претстави со наслов „Што сме можеле да имаме на МОТ, а што никогаш нема да имаме“ – со проекции на генијални, современи театарски продукции, кои можеби еден ден ќе бидат дел од репертоарот на фестивалот. Овие проекции ќе почнат во 17 часот и ќе се одвиваат во Џебното кино на МКЦ.
Покрај споменатите програми во рамките на дејностите на МКЦ, ќе се одржат и неколку презентации и работилници, односно работилница за мајсторијата на скречувањето со диџеј Гоце и Чваре, предавање на Архитектонскиот факултет со наслов „Невидливо Скопје“ и презентација на филмскиот клуб „Ед Вуд“, кој со години функционирал во рамките на МКЦ, со проекција на филм на Гоце Цветановски.
„Навистина беше тешко да се создаде програма во која треба да биде собрана толкава историја на настани, случувања, иницијативи, програми и активности што се случиле во овие ѕидови во 50 години постоење. Решивме да се фокусираме на дејностите на МКЦ и фестивалите во наша организација и за нив да успееме и да најдеме најсоодветна форма како да ги претставиме. Некои од нив со постојни активности и настани, други со нешто поинакво и филувано во духот на МКЦ.
Нашата желба за уште поуспешни наредни 50 години мора да биде стратешки поддржана од институциите, најпрвин од нашите најнадлежни – Градот Скопје, па потоа и од Министерството за култура. Бидејќи во нас мора да согледаат рамноправен партнер затоа што и, можеби нескромно, без МКЦ нема фундаментална култура“.
Влезот на сите настани е бесплатен и отворен за сите посетители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гудачкиот квартет „Пламенка Трајковск“ во рамките на Есенските музички свечености 2025
Во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“ утре, 05.11.2025г. (среда) ќе се одржи мултимедијален концерт „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ во изведба на Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културен информативен центар).
Учествуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола,
Александра Јаневска – виолончело.
Гудачкиот квартет ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“.
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.
Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска е дел од Здружението Пламенка Трајковска – МКС, Скопје и претставува еден од водечките камерни ансамбли во земјата. Со својата музичка страст и креативност, тие ја спојуваат класичната традиција со современиот израз, фолклорот и кросоверот. Квартетот настапува на најзначајните културни сцени во Македонија и Европа, создавајќи концерти исполнети со енергија, емоција и уметничка прецизност.
Култура
Концерт на „Танец“ во Националната опера и Балет – уникатно сценско патување низ времето и традициите
Националниот Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ најавува уникатно сценско патување низ времето и традициите. Концертот „Изворни минијатури“ кој е најавен за 22 ноември со почеток во 19 и 30 часот во Националната опера и балет е повеќе од обичен концерт-тоа е враќање кон изворите и никулците кои р’ти богатиот репертоар на „Танец“.
Публиката ќе има можност да ужува автентични ора и песни изведени во нивната интегрална форма, како што егзистирале на теренот; раскош на дијалекти, потсетување на најстарите слоеви од македонскиот музички и сценски фолклор и врвна изведба, машки, женски и мешани ора, придружени од врвни играорци и музичари на македонски изворни инструменти.
Концертот „Изворни минијатури“ е препознаен како исклучително популарен проект кој веќе го обиколи поголемиот дел од државата, што гарантира врвен квалитет и голем интерес.
Цена на билетите е 600 денари. Место за продажба kupikarta.com.
Култура
Изложба „Автопортрети и неколку палети“ на Миро Масин во Скопје
На 6 ноември (четврток) во 19 часот во галерија Остен ќе се одржи отворањето на самостојната изложба „Автопортрети и неколку палети“ на еден од највлијателните македонски уметници Миро Масин.

За изложбата од Остен ќе кажат:
За уметник од рангот на Масин, чие творештво се протега со децении и опфаќа богата таписерија од македонски и универзални теми, автопортретот не е само обид за сличност. Тоа е филозофско истражување. Секое платно во оваа серија е поглавје во тековната автобиографија, не на настани, туку на состојби на битието. Не сме сведоци на линеарен наратив за еден живот, туку на спирално спуштање во длабочините на уметничката свест. Лицето што нè гледа од овие дела е познато, но бескрајно променливо – сад за интроспекција, превирања, спокојство и неуморно течење на времето.
И потоа, тука се палетите.
Со еден потег на гениј, овие скромни инструменти се воздигнуваат од неговото ателје до ѕидот на галеријата. Тие не се претставени како чисти, беспрекорни алатки, туку како артефакти на создавањето, сè уште прелиени со самата суштина на уметноста на Масин. Овие „неколку палети“ се, всушност, тивки автопортрети сами по себе. Тие се бојното поле и лабораторијата каде што се мешале боите, се донесувале одлуки и на визиите најпрво им се давала материјална форма. Хаотичното, слоевито натрупување на боја на овие дрвени штици е директен, непосреден запис за уметничкиот процес. Секоја дамка од окер, секоја лента од црвена боја, секој базен од длабок ултрамарин е фосилизиран момент на инспирација и борба.
Кога се гледаат во дијалог со завршените автопортрети, палетите завршуваат еден свет круг. Уредената композиција на портретот го наоѓа своето хаотично, енергетско потекло во неуредната живост на палетата. Погледот на насликаното јас се чини дека гледа назад кон самата материја од која е родено. Нам, како гледачи, ни е даден привилегиран увид: ја гледаме не само конечната слика за себе, туку и суровата, материјална генеза на таа слика. Палетата е идентитетот на уметникот во егото на портретот – неограничениот, исконски извор на креативна енергија што потоа се користи, рафинира и проектира на платното како кохерентен идентитет.
Оваа изложба, „Автопортрети и неколку палети“, затоа е мастерклас по уметничка вистина. Таа го демистифицира чинот на сликање, а истовремено повторно го мистифицира самиот уметник. Ни покажува дека создавањето на себе е процес на акумулација, слоевитост и повремено стружење – процес што се огледува точно во натрупувањето на пигментите на алатката на уметникот. Масин не ни покажува едно, дефинитивно јас. Тој ни покажува мноштво јас, секое од нив верно на моментот на своето создавање, секое од нив доказ за фактот дека идентитетот не е фиксна точка, туку континуиран, креативен чин.

