Македонија
Апелација му ja намали казната на Владимир Талевски за една година за предметот „Транспортер“
Апелација му ја намали казната на ексградоначалникот на Битола, Владимир Талевски, за една година за предметот „Транспортер“.
Пресудата е донесена по две години од првостепената пресуда донесена од судијката Добрила Кацарска. Поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, па од шест години, сега треба да издржи 5 години и шест месеци.
На обвинетите им се судеше за злоупотреба на службената положба и овластувањето поради организирањето превоз на ученици во Битола, со што се гонеа дека направиле проневера на речиси 360.000 евра. Укината е и ослободителната пресуда за еден од обвинетите.
На дел од управителите на фирми, кои добија казни од 2 до 3 години затвор, Апелација им изрече условни осуди.
„На обвинетите Ј. И., С. М., А. Ш., Д. Г., А. С., О. С., Р. Ј., Н. Д., Џ. М. за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 5, в. в. со ст. 1, а в. в. со чл. 24 и чл. 45 од Кривичниот законик, им изрече алтернативна мерка – УСЛОВНА ОСУДА, така што им се утврдува казна затвор во траење по 2 години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши ако обвинетите во временски период од 5 години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело“, велат од Апелација.
Од фирмата „Д и А-Хера транс“ ДООЕЛ државата ќе конфискува 857.637 денари.
„Во другиот дел, како и во однос на кривичните санкции кон другите обвинетите и во однос на мерката конфискација на имотната корист, која е прибавена со кривичните дела, во вкупен износ од 34.224.179,00 денари, првостепената пресуда ја потврди“, велат од Апелација.
Апелација објаснува и зошто ја донела оваа пресуда.
„Постапувајќи по изјавените жалби, оцени дека првостепениот суд не сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на кој се укажува во изјавените жалби и на кои судот внимава по службена должност, во пресудата се утврдени сите решителни факти во врска со времето и начинот на извршување на кривичните дела, дадени се причините за решителните факти, извршена е правилна анализа на сите изведени докази и донесената пресуда е јасна, разбирлива и може во целост да се испита. Воедно, како неосновани ги оцени жалбените наводи за погрешно утврдена фактичка состојба, а со тоа и за погрешна примена на материјалното право, од причина што првостепениот суд утврдил правилна фактичка состојба, а врз основа на сите изведени докази во текот на постапката правилно ги утврдил сите решителни факти за кои дал доволно образложени причини во образложението на обжалената пресуда и со еднакво внимание ги испитувал и утврдил како фактите што ги товарат обвинетите така и оние што им одат во корист, при што правилно постапил судот кога им дал верба на доказите што се поклопуваат помеѓу себе и даваат целосна слика за настанот, а притоа имајќи ја предвид и одбраната на обвинетите, со што донел јасна и разбирлива пресуда во врска со кривичните дела и кривичната одговорност на обвинетите“, велат од Апелација.
Тие додаваат дека при донесување на пресудата ги ценеле сите околности.
„По однос на жалбените наводи за одлуките за кривичните санкции, советот на овој суд ги имаше предвид сите околности што се од влијание при определувањето на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, а особено степенот на противправноста на кривичните дела, степенот на кривичната одговорност на обвинетите, јачината на повредата на заштитеното добро, општествената опасност од извршување на овој вид кривични дела, тежината и начинот на извршување на кривичните дела и во таа смисла поединечните дејства на извршување на секој од обвинетите, опишани во изреката на првостепената пресуда, нивната улога во криминалниот потфат како извршител, односно соучесник, нивното својство, и во таа насока прибавената противправна имотна корист, а особено фактот дека е изречена конфискација на целокупната имотна корист, ценети во корелација со околностите што постојат на страна на секој од обвинетите, а кои се однесуваат на личните, семејните и на материјалните услови на обвинетите и нивниот поранешен живот, детаљно елаборирани во образложението на првостепената пресуда применувајќи го принципот на пропорционалност, а на кој укажува Европскиот суд за човекови права, па оцени дека и со поблаги казни затвор, односно со изречените алтернативни мерки – условни осуди кон обвинетите наведени во одлуката на Апелациониот суд Скопје, за кои е преиначена првостепената пресуда во делот на одлуката за кривичната санкција, како и со изречените кривични санкции кон другите обвинети со првостепената пресуда, доволно воспитно ќе се влијае во иднина да не се јавуваат како сторители на вакви и други кривични дела, а со тоа да се остварат и целите на казнувањето предвидените во чл. 32 од Кривичниот законик како на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција“, додаваат оттаму.
Од судот, ја укинале и ослободителната пресуда што ја донела Кацарска.
По повод жалбите и по службена должност, а заради правилна примена на законот, овој совет одлучи првостепената пресуда во ослободителниот дел под II само да се укине од причина што обвинетиот Д. Г. се обвинува за едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 5 в. в. со ст. 1 в. в. со чл. 24 и чл. 45 од КЗ, за кое е огласен виновен, но за опишаните дејства под точка 3 алинеја 14, со оглед што првостепениот суд оценил дека не се докажало оти обвинетиот ги извршил дејствата опишани под точка 3 алинеја 14 од обвинението, требало да ги испушти од описот на дејствата содржани во изреката, а во образложението на пресудата да ги образложи причините за тоа, а не да донесе ослободителна пресуда“, додаваат од Апелација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

