Македонија
Претпријатие за производство на струја, градинка и паркинг, Општина Центар го донесе Буџетот за 2023 година
Општина Центар на денешната седница на Советот со 17 гласа „ЗА“ и 1 „воздржан“ го донесе Буџетот за 2023 година кој изнесува 740.132.000,00 денари.
Во Буџетот за 2023 година се планираат нови паркови, паркинзи, отворање на народна кујна, доградба на започнатата градинка „Пролет“, изградба на катна гаража во Капиштец, поставување урбана опрена, инфраструктурни зафати на улиците и други проекти.
Меѓу проектите за енергетска ефикасност чија вредност е проектирана на 15.060.000,00 денари и со кои се планираат реконструкции на фасади и субвенции за замена на покриви и поправка на лифтови во станбени згради предвидени се и субвенции за ново претпријатие за производство на електрична енергија.
Во образованието предвидени се инвестиции во висина од 18.985.000,00 денари, за детските градинки 5.730.000,00 денари, за заштита на животната средина 4.800.000,00 денари, за паркови и зеленило се издвоени 5.000.000,00 денари и исто толку се планира за поставување урбана опрема како клупи, канти за отпадоци, столбчиња, држачи за велосипеди, жардињери и сл.

За Урбанистичкото планирање издвоени се 17.100.000,00 денари, а за капитални расходи за уредување на градежно земјиште и инфраструктурни приклучоци 11.700.000,00 денари.
Исто така во Буџетот за 2023 година се планираат и средства за започнување со реализација на отворање на народна кујна и од социјалните проекти планирани се средства за еднократна парична помош за социјално загрозени лица во износ од 2.500.000,00 денари, како и за трансфери на здруженија на граѓани во износ од 2.000.000,00 денари. За проекти за родова еднаквост исто така се издвоени 100.000,00 денари.
За еднократна парична помош за новороденчиња на родители коишто се жители на Општина Центар – Скопје, во Буџетот за 2023 година се планираат средства во износ од 2.500.000,00 денари.
Во програмата за изградба на локални улици и патишта се издвојуваат 9.000.000,00 денари за реконструкција на улици, тротоари и инфраструктура.

За културни манифестации и творештво 4.370.000,00 денари, за спорт и рекреација 15.510.000,00 денари. 13.000.000 денари од општинскиот Буџет за наредната година одат за најтрофејниот кошаркарски колектив „Работнички”. Со новите спонзори, МТЕЛ и Видеолотарија Касинос Австрија, Општина Центар обезбедува добра подлога за нови успеси на нашите кошаркари.
Меѓу останатите денешни точки на дневен ред изгласан беше и предлогот од Буџетот на Општина Центар да се одделат 2.000.000 денари за ЈП „Лајка“. Во интерес на граѓаните, овие средства се одвојувате со цел зачувување и обезбедување на бездомните кучиња. Притоа советниците беа согласни дека доколку на дело се покажат вистински резултати во работењето на претпријатието и менаџирањето на проблемот со бездомните кучиња, постои подготвеност за одвојување и повеќе буџетски средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.

