Свет
Мелони: Се надевам дека Русија ќе ја сфати огромната грешка што ја прави
Италијанската премиерка Џорџија Мелони на прес-конференција рече дека нема посебни знаци дека Русија сака мир во Украина. Таа потоа повика на континуирана меѓународна поддршка за Украина.
„Континуираната поддршка за Украина е најдобриот начин да се дојде до крајот на војната. Се надевам дека порано или подоцна Русија ќе ја сфати огромната грешка што ја прави и дотогаш ќе ја браниме Украина“, рече Мелони.
Таа додаде дека цврстата поддршка за Украина е клучен предуслов за одржување на рамнотежата на силите на бојното поле и создавање услови за мир.
Мелони рече дека има намера да го посети Киев пред една година од руската инвазија на 24 февруари 2023 година,пренесе Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелскиот министер за одбрана: „Кога Израел ќе возврати, Иран нема да разбере што го снашло“
Израелскиот напад врз Иран ќе биде „смртоносен, прецизен и особено изненадувачки“, изјави министерот за одбрана Јоав Галант.
Говорејќи за време на посетата на Разузнавачката единица 9900 на израелските одбранбени сили (ИДФ) – единица која собира разузнавачки информации, Галант рече дека Иран „нема да разбере што го снашло или како го снашло“.
Нападот на Иран минатата недела, од друга страна, беше „агресивен, но не успеа бидејќи беа неточни“, рече тој.
Галант нагласи дека иранскиот напад не им наштетил на израелските воздухопловни сили (ИАФ), дека сите аеродромски писти се во функција, дека ниту еден авион не е оштетен и дека ниту војници, ниту цивили не се повредени.
Галант додаде дека целиот израелски безбедносен систем, од војниците на теренот до премиерот, е во целосна согласност за прашањето за ударот на Иран: „Целиот синџир на команда е усогласен и фокусиран на ова прашање“, заклучи тој.
Свет
Европската унија договори заем од 35 милијарди евра за Украина
Амбасадорите на земјите-членки постигнаа договор за правна основа за заем од 35 милијарди евра за Украина, кои би се враќале од приходите од замрзнатите руски средства, соопшти унгарското претседателство, пренесуваат медиумите во регионот.
Групата Г7 и Европската унија во јуни најавија дека на Украина ќе и дадат заем до 45 милијарди евра, од кои ЕУ ќе обезбеди 35 милијарди. Заемот ќе биде отплатен со средства од руските средства замрзнати од ЕУ откако Москва ја нападна Украина.
Според соопштението на унгарското претседателство, амбасадорите на земјите членки се договориле да покренат писмена постапка за донесување на прописи кои се основа за користење на приходите од замрзнати средства.
Според написите, најважен дел од тој пакет е предлогот за регулатива за воспоставување посебен механизам за соработка за заем за Украина. Дел од пакетот е и предлог за продолжување на периодот за обновување на санкциите против Русија од шест месеци на три години, но за тоа се уште нема договор. Унгарија ја задржува согласноста додека не се одржат претседателските избори во САД.
Продолжувањето на периодот за обновување на санкциите од шест на 36 месеци е клучен услов за учество на САД во механизмот. Вашингтон стравува, според напишаното, дека ќе мора да го поднесе товарот за враќање на тој заем, бидејќи продолжувањето на санкциите бара консензус во ЕУ.
Предлогот за заем за Украина мора да биде одобрен и од Европскиот парламент бидејќи вклучува заеднички буџет на ЕУ. За него се очекува пратениците да гласаат во втората половина на овој месец.
Свет
„Напишете го вашето име со маркер на раката“: Јавниот обвинител на Флорида до оние кои одбиваат да се евакуираат
Јавниот обвинител на Флорида, Ешли Муди, пред ураганот „Милтон“ рече дека „ако ви кажат да се евакуирате затоа што ќе ве погоди ураган и не можат точно да го предвидат бранот и ако сте во зона на евакуација, веројатно треба да го ставите вашето име со постојан маркер на вашата рака, за луѓето да знаат кој сте кога ќе ве најдат подоцна.”
Предупредувањето е едно од многуте на официјалните претставници на Флорида што ги издадоа за да ги охрабрат луѓето во зоните за евакуација веднаш да ги напуштат своите домови.
Ураганот „Милтон“, кој моментално е ураган од четврта категорија, се очекува вечерва да удри на западниот брег на Флорида.
„Ги повикав сите на патот на ураганот „Милтон“ да ги слушаат локалните власти и да ги следат безбедносните упатства, ако ви биде наредено да се евакуирате, веднаш треба да се евакуирате“, рече Бајден.
„Ова е прашање на живот и смрт – и ова не е претерување – ова е прашање на живот и смрт“, повтори американскиот претседател.