Спорт
Повеќе од 250 илјади луѓе го испратија Пеле до последното почивалиште
Ковчегот во кој почиваат смртните останки на Пеле патуваше низ улиците на Сантос кон неговото последно почивалиште во гробницата, каде ќе се одржи погреб за членовите на семејството. Утрово заврши 24-часовното бдеење, по што започна поворката низ улиците на Сантос.
Поворката тргна од стадионот на Сантос, домот на поранешниот клуб на Пеле, а неговиот ковчег потоа мина крај домот на неговата стогодишна мајка Селесте Арантес, која не е свесна за смртта на нејзиниот син.
Противпожарното возило кое го носеше ковчегот на Пеле накратко застана пред неговата куќа, а сестрата на Пеле во солзи гледаше од балконот. Поворката заврши до гробницата.
Повеќе од 250 илјади луѓе му оддадоа почит на бразилскиот фудбалски мајстор кој почина на 29 декември откако долго време водеше битка со рак на дебелото црево.
Меѓу ожалостените беше и новиот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва.
„Пеле е неспоредлив, како фудбалер и како човек“, изјави бразилскиот претседател Лула, кој на стадионот пристигна со хеликоптер. Тој стоеше околу 30 минути до ковчегот на Пеле, обвиен со бразилското знаме, на центарот на фудбалското игралиште на Сантос.
Луѓето формираа долги редици пред стадионот на Сантос, чекајќи и по три часа за да му оддадат почит.
„Да живее кралот“, гласеше огромен транспарент на стадионот.
Наречен „крал на фудбалот“, Пеле играше за Сантос од 1956 до 1974 година, постигнувајќи повеќе од 1.000 голови.
На поворката долга седум километри се собраа илјадници луѓе кои сакаа за последен пат да се простат од најдобриот фудбалер на сите времиња.
„Тој беше најголемиот играч на светот и вреди да се биде овде“, изјави 77-годишната Марија Бенедита за АФП.
„Да кажам дека не плачев кога умре, ќе излажам“, додаде Антонио Карлос Переира да Силва.
Пеле беше на хемотерапија откако му беше отстранет туморот на дебелото црево во септември 2021 година. Последните недели неговата состојба се влоши, а три дена пред крајот на минатата година стигна веста за неговата смрт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Голманот на Челзи: Каде е Јамал? Ене го во џебот на Кукуреља
Челзи ја победи Барселона со 3:0 на домашен терен во петтото коло од Лигата на шампионите. Автоголот на Жил Кунде во 27-та минута, односно Естевао во 55-та и Лиам Делап во 73-та минута го решија победникот во натпреварот, во кој Барселона од 44-та минута играше без исклучениот капитен Роналд Араухо.
Покрај стрелците на головите (Естевао и Делап), брилијантните Каиседо и Енцо Фернандез во редот за врска, херој на победата на Челзи, беше левиот бек Марк Кукуреља.
Шпанецот совршено го бранеше колегата од репрезентацијата, Ламин Јамал, десното крило на Барселона.
„Каде е Јамал? Кукуреља го стави во џеб“, рече по мечот голманот на Челзи, Роберт Санчез и испрати уште една порака до младата ѕвезда на Барселона: „Сите се одлични додека не дојдат во Англија“.
Кога го прашаа дали Барселона била фаворит, тој одговори со насмевка: „Барселона фаворит? Ние сме фаворити“, заклучи Санчез, кој му аплаудираше на Кукуреља кога му беше врачена наградата за играч на натпреварот.
Кукуреља објасни како го запрел Јамал: „Се обидов да му ја направам играта што е можно потешка. Се обидов да го насочам кон средината, каде што е Каиседо. Не можев да го оставам сам на десната страна. Тоа е неговата послаба нога, но никогаш не можеш да бидеш сигурен со играчи како него“.
Foto/ EPA
Спорт
Сантос без Нејмар до крајот на сезоната
Фудбалскиот клуб Сантос, без Нејмар, ќе мора да ги води клучните битки за опстанок во елитната бразилска конкуренција.
Нејмар, во понеделникот го пропушти натпреварот против Интернационал. Во клубот беа сигурни дека станува збор за лесна повреда, но деталните медицински прегледи откриле проблем со менискусот, што значи дека сезоната за него заврши.
Нејмар ќе ги пропушти преостанатите три натпревари, а последното се игра на 7 декември.
Славниот Бразилец одигра три натпревари по ред, но по средбата со Мирасол почувствува болка. Токму затоа тој направи превентивна пауза за да биде подготвен за домашниот натпревар оваа недела против Спорт.
„Она што изгледаше како безопасна ситуација се претвори во сериозен проблем, пишува „Ас“.
Ова е четвртата повреда на Нејмар во 2025 година. Претходните три се случија во март, април и септември, и токму овие проблеми го спречија да добие континуитет во играта и да се врати во бразилската репрезентација.
Сантос, моментално се во зоната за испаѓање, еден бод зад безбедната зона. Секој исход освен победа над Спорт Ресиве би бил рамен на катастрофа. Потоа, Сантос гостува кај Хувентуде, а сезоната ја завршува дома против Крузеиро.
Foto/ EPA
Спорт
Билд: Баер со крпен тим ја казни ароганцијата на Пеп Гвардиола
Баер Леверкузен победи кај Манчестер Сити со 2:0 во петтото коло од Лигата на шампионите. Стрелци беа Алекс Грималдо во 23-та и Патрик Шик во 54-та минута. „Фармацевтите“ со крпен состав, успеаја да го шокираа фаворитот.
И двата тима беа значително ослабени, но домаќините играа со резервен тим бидејќи така одлучи Пеп Гвардиола, а гостите бидејќи им недостасуваше повеќе од половина од тимот поради повреди и жолти картони.
Затоа Германците ја слават големата победа.
„Билд“, најчитаниот германски дневен весник, под наслов „Едвај составениот тим на Баер ја казни ароганцијата на Пеп“, пишува: „Гвардиола, во својот 100-ти натпревар во Лигата на шампионите, целосно потфрли. Тој ги остави на клупата, меѓу другите, октоподот Донарума, машината за голови на Халанд, Доку, Фоден, Рубен Дијаш и Бернардо Силва. Халанд влезе во игра дури по 0:2. Премногу доцна, Баер ја казни ароганцијата на Пеп“.
Билд истакнува: „На Баер му недостасуваат единаесет играчи од првиот тим (Андрих, Тапсоба, Хофман, Фернандез, Паласиос…). Неверојатно, на клупата, би се рекло во школската клупа, седеа шест играчи од тимот до 19 години. Младиот голман Јеспер Шлих попладнето загуби со јуниорскиот тим, до 19 години од Сити (0:6).“
По натпреварот, тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, ја прифати одговорноста за поразот.
„Јас ја преземам одговорноста, но ми се допаѓа што сите се вклучени. Кога си фудбалер и не играш пет, шест, седум натпревари, тешко е. Можеби имаше премногу замени. Кога си во голем тим, мора да се покажеш. Можеби играчите кои играа редовно во последно време би имале поголема самодоверба“, рече Гвардиола.
Поради послаба игра, Оскар Боб, Рико Луис и Рајан Аит-Нури беа заменети на полувремето, а подоцна Омар Мармуш го напушти натпреварот.
„Невозможно е да се помисли дека не се добри. Ако играте често, се чувствувате конфорно. Некои се плашат да не направат грешка затоа што не сакаат да направат нешто што би било лошо за тимот, но во тој момент мора да бидете слободни и да ја направите таа грешка. Халанд не може да игра 95 минути секој пат, ни требаат свежи нозе. Но, тоа беше премногу. Тоа беше прв пат во мојот живот да го направам тоа, и беше премногу.“

