Свет
Мајка цела година ѝ испраќала ужасни пораки на својата малолетна ќерка
Тинејџерка од Мичиген, која била жртва на сајбер-малтретирање, открила дека мајка ѝ стои зад анонимните пораки на омраза што ги добивала во текот на изминатата година.
Кендра Гејл Ликари ја малтретирала својата ќерка на социјалните мрежи користејќи тинејџерски сленг за да не биде идентификувана. Таа е уапсена по едногодишна истрага, во која на крајот биле вклучени специјални агенти од ФБИ.
Иако Ликари користела VPN за да ги скрие доказите за потеклото на пораките и користела тинејџерски сленг, детективите успеале да ги поврзат пораките со неа.
Кога жртвата се обратила за помош кај својата мајка, таа го пријавила наводното насилство до надлежните органи. Таа дури отишла дотаму што соработувала со мајката на тогашното момче на ќерка ѝ за да „помогне“ да се пронајде сајбер-насилникот, кој на девојката ѝ праќал по десетина пораки дневно.
„Кога случајот првпат дојде во нашата канцеларија, беше чудно и речиси неверојатно“, изјави окружниот обвинител за локалната радиостаница WKRC.
Тој додаде дека тоа е континуирана кампања на злоупотреба.
„Станува збор за неколку стотици СМС-пораки, во досието има повеќе од 1.000 страници текст“, рече обвинителот додавајќи дека пораките се „најчесто вознемирувачки, понижувачки и злобни“.
Меѓутоа, кога компјутерските експерти на ФБИ откриле дека пораките доаѓаат од телефонот на мајката, таа признала дека го вознемирувала своето дете.
Училишниот надзорник Вилијам Чилман рече дека Ликари (42) била кошаркарски тренер во училиштето на ќерка си во времето на вознемирувањето. Мајката била обвинета на 12 декември и ослободена со кауција од 5.000 долари.
Користењето компјутер за извршување злосторство е кривично дело во САД, со потенцијална казна затвор до 10 години. Мајката е обвинета и за следење малолетник и попречување на правдата – што може да ѝ донесе дополнителни 5 години зад решетки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

