Македонија
ЗНМ: Медиумската промоција на МНР со јавни пари е спротивна на забраната за владини кампањи
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на постапката на Министерството за надворешни работи, кое преку претходно спроведена јавна набавка, инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни медиуми за промоција на претседавањето со ОБСЕ.
Според јавно достапните информации МНР ќе потроши околу 100.000 евра за промотивни активности поврзани со претседавањето на Македонија со ОБСЕ, за што е склучен договор со приватна маркетинг компанија.
„ Потсетуваме дека ваквата постапка од страна на МНР директно е во спротивност со претходна владина одлука од 22 август 2017 година со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми. Оваа одлука, која ја надополнува активната законската забрана за владини кампањи, им укажува на сите органи на државната управа како и на единиците на локалната самоуправа да престанат да се рекламираат во комерцијални телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали и сл.
Алармираме дека праксата за плаќање на владини кампањи во медиумите со пари на граѓаните, освен што е незаконска и во спротивност со претходни владини одлуки, истата може да ги поттикне и останатите јавни институции да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар“ се вели во реакцијата на ЗНМ.
Оваа пракса на скап и селективен начин на откупување на медиумски простор преку владини кампањи не може да се смета како поддршка на медиумите, туку како обид за нивно корумпирање и истовремено за промоција на политичка пропаганда на штета на јавниот интерес, предупредуваат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температуриа до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Утре на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.
Македонија
АМСМ: Тековен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, информира АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување дека патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Дел од корисниците од Гази Баба без струја
Дел од корисниците од Гази Баба денеска ќе останат без струја.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 28.11.2025 година ( Петок ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08:30 до 14:30 часот, корисниците на ул.2 во Раштак ( општина Гази Баба )“, информира РЦУК.

