Економија
Ковачевски: Во услови на криза значајна е енергетската поддршка од Турција
На средбата со делегација од Турција за енергетика, одржана во Владата, директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, го запозна министерот за енергетика, Фатих Донмез, и членовите на делегацијата, со капацитетите на АД ЕСМ, производството на електрична и топлинска енергија, како и со менаџирањето во услови на енергетска криза.
Директорот Ковачевски истакна дека е добро во време на енергетска криза да имаме поддршка од Турција, која располага со зголемени можности и капацитети за производство на електрична енергија и особено за снабдување со природен гас.
„Турција стана голем регионален центар за складирање и испорака на природен гас и за АД ЕСМ и за Северна Македонија е значајно да имаме сигурно и стабилно снабдување со овој енергент заради потребите во кризата со електрична енергија, а особено во делот на кризата со топлинска енергија, и очекуваме во иднина да имаме поддршка од Турција на ова поле.
Со претставниците на турската државна компанија БОТАШ, чија примарна дејност е продажба, испорака и складирање природен гас, разменети беа информации и искуства од работењето на двете компании и во текот на јануари ќе биде одржана посебна средба меѓу АД ЕСМ и БОТАШ во однос на снабдувањето со природен гас, на која ќе се разговара и за енергетските капацитети, можностите за снабдување со енергенти и другите опции за помош и поддршка од Турција во делот на енергетиката“, е наведено во писмената информација од АД ЕСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нова инвестиција на ОКТА за поефикасна контрола и гаранција на квалитетот на горивата
ОКТА инвестираше во дигитализација на моторите, единствени во државата за испитување на цетански и октански број коишто се наоѓаат во лабораторијата на компанијата. Ова е прва акредитирана лабораторија за ваков вид испитувања во земјава којашто работи согласно референтни методи дефинирани во највисоките европски, американски и домашни стандарди.
Првиот уред кој доби нов современ дигитален панел е моторот за испитување на квалитетот на дизел горивата, односно за параметарот цетански број. Со дигитализацијата, многу од функциите на овој лабораторски мотор се автоматизираат. На овој начин се намалува можноста од човечка грешка и се овозможува уште попрецизно тестирање и подетална анализа во реално време на процесот и брзината на согорување на дизел горивото, што од друга страна има големо влијание врз севкупните перформанси и безбедноста на моторите во возилата кои користат ваков вид нафтен дериват, но и за животната средина.
Најновата инвестиција во дигитализација на опремата во лабораторијата на ОКТА ја поздравија министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, како и претставниците на Бирото за метрологија, Институт за акредитација, Царинска лабораторија и други, кои присуствуваа на официјално претставување на првиот дигитализиран лабораториски мотор за испитување на квалитетот на дизел горивата во земјава.
„Со ваквите инвестиции во дигитализација на системот за испитување и контрола, ОКТА ја потврдува својата посветеност и континуирана заложба кон одржување највисок стандард во работењето, особено кога станува збор за квалитетот на горивата што ги нудиме на домашниот но и на останатите извозни пазари во соседството. Истовремено, на ваков начин придонесуваме и го истакнуваме значењето од постењето на редовна контрола на квалитетот на горивата на сите бензински станици во земјата, што е особено важно за потрошувачите, затоа што квалитетот и количината на горивата која што ја користи нивното возило е од витално значење за моторот, но што е уште поважно е суштински важно за животната средина и намалувањето на загадувањето во целина“, истакна главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос.
Во следната фаза ОКТА планира да го дигитализира и лабораторискиот мотор со кој се вршат испитувања и анализи на квалитетот и перформансите на Еуросупер нафтените деривати, односно за одредување на октанскиот број на бензините.
Во 2006 година, лабораторијата на ОКТА го доби првиот сертификат за акредитација, што ја прави и прва акредитирана лабораторија во земјата. Со својата модерна опрема и 54те акредитирани методи се вршат детални испитувања и анализи на различни типови горива и тоа: Еуросупер бензин со 95, 98 и 100 октани, Еуродизел, екстра лесно гориво за греење, мазут, течен нафтен гас и гориво за авиони на млазен погон.
Заложбите за контрола на квалитетот и количината на горива на бензинските станици со брендот ОКТА, компанијата ги потврдува и со спроведувањето на „Програма Гаранција“ веќе 9 години по ред, преку која се испитува и гарантира квалитетот и количината на горивата на бензинските станици со брендот ОКТА. Во рамки на оваа Програма, специјално обучен тим во соработка со Машинскиот Факултет, врши ненајавени и редовни контроли на квалитетот и количината на горивото што се продава во малопродажната мрежа со брендот ОКТА.
Дополнително, во лабораторијата на ОКТА се тестираат и примероци од горива на други увозници, дистрибутери и продавачи на горива од земјава и странство, на производители и увозници на возила, како и за потребите на државните институции, како што се Царинска управа, Државниот пазарен инспекторат и други.
ПР текст
Економија
Се намалува цената на бензините
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,19% во однос на одлуката од 23.9.2024 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,155 ден/кг и сега ќе изнесува 41,672 ден/кг.
Економија
На 15 октомври почнува грејната сезона: РКЕ со апел до граѓаните да ги проверат инсталациите и да ги намират сметките
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, грејната сезона започнува на 15 октомври 2024 и завршува на 15 април 2025 година.
Појаснуваат дека доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 ºС, тогаш грејната сезона може најрано да започне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.
РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите, и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници. Во исто време РКЕ и со официјален писмен допис побара од снабдувачите со топлинска енергија информација за спремност за старт на грејната сезона.
Согласно последната одлука од 1 август 2024, сметките за топлинска енергија за домаќинствата се пониски за 3,16 %, додека околу 1200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење ќе имаат пониска цена за 17 %.