Македонија
Нацоски: „МКартата“ е признание за нашата работа на симболичен начин
Македонскиот тенор Благој Нацоски, кој живее и работи во Италија, е еден од добитниците на „МКарта“, што ја доделува министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како картичка за идентификација на успешни нашинци од дијаспората.
„А1он“ стапи во контакт со оперскиот пејач Нацоски, кој ја поздрави идејата за воспоставување „МКарта“, која, според него, не носи привилегии, туку е признание на симболичен начин.
„ Пред сè, идејата за воспоставување ‘МКарта’ е апсолутно за поздравување и мислам дека барем засега се работи за признание на работата на еден симболичен начин. Оние поволности што се споменуваат не може да се сметаат за некакви привилегии бидејќи не се работи за ‘Хитроу’ во Лондон, ‘Шарл де Гол’ во Париз, ‘Џ. Ф. Кенеди’ во Њујорк, односно аеродроми со милиони патници. Колку што ми е познато, намерата е сите носители на ‘МКартата’ да бидат на некој начин поврзани во еден вид мрежа, односно лоби што (ќе) работи за Македонија“, истакна Нацоски за „А1он“.
Тој ќе ја користи „МКартата“ за брз премин на македонските аеродроми, но нема да ги користи привилегиите за бесплатен влез во културните институции.
„Јас веќе со години на сите аеродроми во светот поминувам низ т.н. Fast Track (имам други ВИП-картички што не се издадени од Македонија) и имам апсолутна потреба од тоа патувајќи постојано и вршејќи дејност која бара психофизичка свежина. Што се однесува до бесплатен влез во разни културни институции, јас доста сум чувствителен на таа тема, така што мојот билет ќе биде секогаш еден финансиски придонес за нив, односно за културата“, рече Нацоски.
За македонската јавност, минувањето на брз премин на аеродромите со оваа „МКарта“ значи дискриминацијата за бремените жени и за лицата со посебни потреби.
Македонскиот тенор Нацоски вели дека не знаел оти не постои брза лента за бремени жени и смета дека е дискриминирачки што самите аеродроми направиле таков пропуст.
„Најискрено, не знаев дека не постои брза лента за бремени жени и за лица со посебни потреби на македонските аеродроми. Сметам дека секако е дискриминирачки, но во никој случај тоа нема врска со ‘МКартата’, туку со тоа кој одлучува за овие нешта на самите аеродроми. Не ми е јасно како во изминатите 95 години постоење на скопскиот аеродром, односно 70 години на охридскиот, никој не го иницирал ова прашање, навистина срамота“, додаде Нацоски за „А1он“.
Давањето на картичка за идентификација, како „МКартата“, на успешните македонски граѓани од дијаспората е почит кон нив и нивните дела, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за списокот од 69 истакнати поединци, кои ќе може да користат брза лента на двата македонски аеродрома – во Скопје и во Охрид.
Меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници, политичари и инженери, како оперскиот пејач Благој Нацоски, кошаркарскиот тренер Заре Марковски, д-р Иво Бошковски од клиниката во Рим, д-р Димитар Ефремов, научник од областа на хематологијата, и ендокринологот Горан Петровски од Катар.
Но, на списокот има и контроверзни личности за кои јавноста нема позитивно мислење, како што е името на бизнисменот Ристо Гуштеров, кој како дел од раководниот кадар во државната „Технометал“ стекна големо богатство во периодот на транзицијата. На изборите во 2011 година се обиде да стане пратеник преку партијата Достоинство.
На списокот за успешен во дијаспората е и поранешниот министер за странски инвестиции во една од владите на Никола Груевски, Глигор Ташкович, кој пред две години беше осомничен дека бил дел од голема измама вредна 45 милиони долари. Наводно, група луѓе, во кои бил и Ташкович, се обидувале да ја искористат пандемијата на Ковид-19 и да им продадат на градските власти милиони заштитни маски Н95 по многу повисока цена од продажната.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

