Економија
Хрватите загрижени поради наглиот раст на цените по воведувањето на еврото
Во Хрватска настана хаос по воведувањето на еврото, се бележи нова ценовна експлозија, пишува „Ал Џезира“.
Иако Владата на Република Хрватска и Хрватската народна банка со месеци зборуваа дека се’ е подготвено за воведување на еврото и дека нема да има поскапување во првите денови од јануари, се покажа дека многу од работите не беа подготвени правилно.
Уште пред официјално да се случи се знаеше дека од 1 јануари 2023 година ништо нема да биде исто во Хрватска. Имено, на првиот ден од 2023 година Хрватска и официјално стана дел од „Шенген“, а еврото стана официјална валута наместо куната која заминува во историјата.
И додека влезот во „Шенген“ го поздравуваат сите граѓани, или барем огромното мнозинство од нив, влезот во еврозоната донесе вистински хаос во цела Хрватска во првите денови од 2023 година.
Гувернерот на ХНБ, Борис Вујчиќ, на последниот ден од 2022 година, ден пред официјалното воведување на еврото, изјави дека секогаш се можни технички проблеми, но и дека ХНБ и банките го проверуваат функционирањето на информатичкиот состав и дека дотогаш немало индикации дека може да има проблеми. Неколку недели претходно изјави и дека не очекува поскапување.
„Ако ги погледнеме примерите на земји кои веќе го вовеле еврото, а станува збор за деветнаесет земји, нивните искуства покажуваат дека имало пораст на цените кога се воведувало еврото, но тоа било релативно мало, во просек од 0,2 на 0,4 отсто од растот на инфлацијата во годината во која беше воведено еврото“, рече Вујчиќ при посетата на Вуковар.
И тогаш, спротивно на сите најави и очекувања, 1 јануари 2023 година донесе вистински хаос. Поголем дел од се’ што се најавуваше се покажа спротивно, а се појавија бројни нови проблеми на кои никој не ни сметаше. Сето ова укажува на тоа дека не било сè подготвено како што било кажано и најавено.
Медиумите и социјалните мрежи се преплавени со информации како во некои продавници не примаат куни иако тоа мора да го прават до 15 јануари. Истовремено, други велат дека во продавниците кога плаќаат со евра, како кусур добиваат куни.
Евидентирани се и случаи на граѓани кои се обидуваат да ги користат продавниците како менувачници и остануваат без куни. Во исто време, најмалку половина од банкоматите се надвор од употреба со денови поради преминувањето на еврото, па често во останатите банкомати нема готовина. Добрата вест е што претходно беше овозможено граѓаните да користат банкомати на други банки без вообичаената провизија. Квалитетно беше извршена и конверзија на куни во евра на тековните и жиро сметките на граѓаните.
Посебна приказна е поскапувањето, за што многумина предупредуваа дека ќе се случи. Голем дел од производите поскапеа затоа што трговците почнаа да ги заокружуваат цените, но до повисоки износи. Граѓаните посочија на случаи кога цените во берберниците преку ноќ пораснале од 40 куни на 10 евра.
Кон поскапувањето се приклучија бројни трговци кои ја искористија оваа транзиција за дополнително да ги зголемат високите цени. Цените на храната преку ноќ поскапеа за 10 отсто без очигледна причина, што може да се опише само како неверојатна алчност и желба за заработка. Имаше и бројни случаи каде трајните налози во куни беа претворени во трајни налози во евра, но во исти износи. Тие проблеми брзо се забележани, па парите се вратени на сметките на граѓаните. Се евидентираат и големи редици граѓани пред банките и поштите. Сметките не можат да се платат затоа што, според трговците, системот се уште не е поставен.
Има и случаи кога, на пример, „крајбрежниот“ леб чини 17,48 куни или 2,32 евра во голем трговски синџир, а во пекарите 13,94 или 1,85 евра. А дека немало потреба говори и тоа што Владата на Република Хрватска претходно ги замрзна цените на струјата и гасот. Дополнително, по неколкунеделните поскапувања, конечно почнаа да паѓаат и цените на дизелот и бензините. Граѓаните се’ што се случува на теренот го објаснуваат со зборовите – хаос.
„Ова е ужасно. Знаев дека ќе има проблеми, но ова е морничаво. Ништо не функционира како што е најавено, па не ми е јасно зошто се продолжи со воведувањето на еврото ако претходно не подготвивме се. Каде и да погледнеш има проблем и се прашувам што правеа претходните месеци и години. Во исто време, да разјасниме, јас секако сум за воведување на еврото, но не на овој начин. Ова дополнително ќе не врати назад. Хрватска до сега беше прескапа, а со овие цени ќе станеме рекордери во ЕУ. Се прашувам кој ќе одговара за сето ова“, рече Степан Михајлевиќ за „Ал Џезира“.
Слични коментари имаат и други граѓани. Стравот е дотолку поголем кога се знае дека поскапувањето на се’ не е придружено со покачување на платите и пензиите кои останаа исти.
„Во еден занает работат на еден начин, на друг на друг начин и така натаму. Како е можно? Кој го контролира? Не знам дали требаше да се скрати и веднаш да се одреди датумот кога ќе истече куната и ќе се воведе еврото или да се воведе дека плаќањето во две валути ќе трае подолго додека се некако не се реши и се стави во ред. . Тоа ќе се поправи порано или подоцна, особено што веќе сме менувале валути неколку пати во последните 30 години. Сепак, ова се огромни неуспеси што не требаше да им се случат на сериозни системи. Најлошото е што највисоката цена ќе ја платат обичните луѓе кои веќе тешко живеат и едвај врзуваат крај со крај“, вели Томислав Шоштариќ.
Претходните месеци најгласни против воведувањето на еврото беа хрватските суверенисти кои се обидоа да го соберат потребниот број потписи за граѓаните на референдум да кажат дали сакаат да го воведат еврото или не. Претседателот на хрватските суверенисти Маријан Павличек вели дека и тој е за воведување на еврото, но не сега во време на најголема инфлација, енергетска криза и други проблеми со кои се соочуваат Хрватска и Европа. Тој смета и дека и покрај се, морало да се одржи референдум за граѓаните да кажат дали сакаат евро или не. Неколку дена по воведувањето на еврото и последователниот хаос, Павличек вели дека е горд што претставниците на хрватските суверенисти биле меѓу 13-те претставници кои гласале против воведувањето на еврото како официјална валута.
„Се сети Мара дека под неа има езерце“, вели една стара народна поговорка во Славонија. Така најдобро би можел да го опишам чудењето на претставницте на власта за поскапувањето поради влезот во еврозоната! Господа на власт, вие на чело со премиерот ја носите најголемата одговорност за наглото поскапување, затоа што не превземавте ниту еден механизам за заштита на клиентите, а што е уште полошо, влеговте во еврозоната како гуски во магла за време на најголемата финансиска и инфлаторна криза на Европската Унија. Најлошо е што народот повторно паѓа на тоа“, нагласува Павличек.
Кога станува збор за растот на цените, овој прв удар, кој следеше на 1 јануари, не е крај, бидејќи веќе се најавуваат нови поскапувања кои дополнително ќе ги оптоварат буџетите на домаќинствата. Имено, телекомуникациските компании најавија дека работат на прилагодување на растот на инфлацијата и планираат да ги зголемат цените за граѓаните наскоро да очекуваат десет отсто повисоки сметки за телефон и интернет.
За новата експлозија на цените зборуваше министерот за економија во Владата на Република Хрватска, Давор Филиповиќ, кој рече дека поскапувањето поради преминувањето на еврото нема да замине и дека Владата ќе направи се за да заштита на стандардот на хрватските граѓани. Министерот потсети дека во септември Владата ги ограничи цените на девет основни производи за да им помогне на граѓаните.
„И сега во оваа ситуација, кога го воведовме еврото, тие ги покачуваат цените и се обидуваат на таков начин да ги измамат хрватските граѓани. Тоа е она со што нема да се извлечат. Ги замолив трговците да ми објаснат како е тоа што цената на горивата паднала, дека на пример дизелот е пониска за речиси две куни отколку што би била да нема владини мерки и дека никој не ги поевтинува производите. . Она што го очекувам во наредниот период е да почнат да ги намалуваат цените, а не континуирано да ги зголемуваат, бидејќи нема причина за тоа. Цените мора да се стабилизираат“, рече Филиповиќ.
Главниот државен инспектор Андрија Микулиќ, говорејќи за поскапувањето, рече дека воведувањето на еврото и конверзијата не може да бидат причина за поскапување.
„Тоа е прашање на профитерство, тоа е лов во темнина. Вториот ден од влезот во еврозоната не може да се искористи за веднаш да се зголемат цените“, посочи Микулиќ.
На поскапувањето по воведувањето на еврото реагираше и премиерот на Република Хрватска Андрија Пленковиќ, кој рече дека тоа е чиста дрскост, профитерство и кражба и дека Владата ќе донесе конкретни мерки за ова. Најави и дека сите инспектори ќе бидат испратени на терен да ги контролираат цените и рече дека не сме во ситуација да преовладува алчноста над солидарноста.
„Сите сектори одговорни за следење на сите параметри ќе имаат задача веднаш да регулираат се. Сите да ги вратат цените на нивото од пред 1 јануари, Државниот инспекторат да го зајакне надзорот, Министерството за финансии да ги собере сите економски параметри, а Министерството за земјоделство сите цени на прехранбените производи. Другите сектори мора да собираат податоци во нивниот домен на надлежност“, рече Пленковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

