Македонија
Османи ќе ја презентира програмата на претседавањето на Македонија пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена
Македонската делегација предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ја почнува официјалната посета на Виена во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 година.
Во согласност со работната агенда, денеска Османи ќе се сретне со министерот за надворешни работи на земјата домаќин на ОБСЕ, Александар Шаленберг, по што ќе одржи брифинг за претставниците на медиумите со кои ќе сподели информации за програмата на претседавањето на Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Утрешниот работен ден Османи ќе го почне со средба со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, по што ќе се одржи главниот настан и неговото обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ во својство на претседавач кога е предвидено да ја презентира програмата на претседавањето на Македонија со Организацијата.
Во своето обраќање министерот Османи ќе се осврне на предизвиците со кои ќе се соочи Македонија за време на претседавањето со најголемата светска регионална безбедносна организација во 2023 година имајќи ја притоа предвид длабоката политичко-безбедносна и економска криза, во која се наоѓа регионот на ОБСЕ. Османи пред Постојаниот совет ќе ја презентира програмата на претседавањето со мотото „За луѓето се работи“, во која примарен фокус ќе бидат токму луѓето и хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.
Во текот на денот предвидено е Османи да оствари средба и со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Алаин Берсет, со чија земја Македонија континуирано одржува цврсти билатерални односи. На средбата ќе бидат разменети мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ, како и за нејзината улога во справувањето со последиците предизвикани со руската агресија врз Украина.
Третиот и последен ден од посетата на Виена, Османи ќе се сретне со раководните структури на независните институции, како што е ОДИХР, со другите извршни тела на Организацијата, како и со шефовите на теренските мисии, вклучително и серија состаноци со специјалните претставници на претседавачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

