Регион
Епидемиолози: Во Србија најверојатно пристигна новиот, најзаразен вид коронавирус

Српските епидемиолози и виролози денеска предупредија дека во наредните денови тестовите на крвта може да покажат дека кракен, најзаразната варијанта на коронавирусот, пристигнал во Србија.
Според нивната проценка, кракенот најверојатно веќе се појавил во Србија, а вирологот од Медицинскиот факултет на белградскиот универзитет Александра Кнежевиќ за порталот Нова.рс изјави дека се очекува анализата на новите примероци на крв да го потврди тоа во наредниот период.
Кнежевиќ оцени дека бивалентните вакцини достапни за граѓаните нудат одреден степен на заштита од кракен. Таа предложи пациентите со намален имунитет и постарите лица прво да ја примат бивалентната вакцина.
Епидемиологот Зоран Радовановиќ оцени дека кракенот ќе стане доминантен во Србија во наредните недели, особено во февруари.
Радовановиќ предупреди дека бројот на заразени со кракен се удвојува за осум дена, па оттука и проценките за врвот во февруари.
Тој нагласи дека „не се очекуваат драматични ситуации“ бидејќи речиси сите граѓани или се вакцинирани или се опоравиле од ковид.
Радовановиќ истакна дека кракенот не предизвикува потешка клиничка слика, дури и кај оние кои се најосетливи, но дека заразени се лицата кои не го прележале коронавирусот или кои не ја примиле вакцината.
Оние кои примиле бивалентна вакцина можат да бидат „релативно мирни“, рече Радовановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Ќе се сретнам двапати со Трамп во наредните денови

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека во следните три до четири дена ќе се сретне двапати со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, јавува Анадолу.
„Ќе се сретнам двапати, од различни причини, во следните четири дена. Не ми верувајте на збор, ги измешав датумите и временските зони“, рече Вучиќ за време на обиколката на работите во новата детска клиника „Тиршова 2“, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе се сретне со американскиот претседател, додавајќи дека „сè ќе се случи во следните три или четири дена“.
Тој, исто така, најави дека очекува италијанската премиерка Џорџa Мелони да го посети Белград во август или септември, која ја опиша, заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како една од најмоќните жени во светот.
Регион
Загина српски воен падобранец

Припадник на 63-та падобранска бригада, виш водник прва класа Милан Станковиќ, почина вечерва во Воената болница во Ниш од повредите здобиени при скок со падобран на воениот аеродром „Михајло Петровиќ“ во Ниш, соопшти Министерството за одбрана на Србија.
Во соопштението се наведува дека по приземјувањето, Станковиќ бил итно реанимиран и пренесен во болница, каде што, и покрај брзата реакција и напорите на лекарите, им подлегнал на повредите околу 19 часот.
Надлежните органи пристигнаа на местото на настанот. Истрагата е во тек. Началникот на Генералштабот на српските вооружени сили нареди формирање комисија за утврдување на околностите на вонредниот настан.
Српски Телеграф пишува дека Станковиќ е роден на 25 декември 1983 година и дека е во српската армија од 2005 година. Зад себе остави сопруга и две деца. Министерот за одбрана Братислав Гашиќ и началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, испратија телеграми со сочувство до семејството на починатиот Станковиќ.
Регион
Не успеа ниту новиот обид за избор на претседател на косовското собрание

Собранието на Косово и енеска не го избра Аљбуљен Хаџиу за претседател на собранието.
При гласањето Хаџиу доби поддршка од 54 пратеници, 44 беа против, а три лица беа воздржани.
За него гласаа пратениците на Самоопределување, како и пратениците на малцинските заедници, освен Адем Хоџа, кој гласаше против.
На седницата не учествуваше пратеничката Дуда Баље, која досега гласаше против.
Против гласаа членовите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово.
Претставниците на досегашната опозиција, по седницата, изјавија дека сè ова личи на театар и ја обвинија победничката партија дека намерно го спречува конституирањето на парламентот бидејќи нема гласови за формирање на новата влада на Косово.
Од друга страна, Самоопределување ги обвини пратениците на поранешната опозициска партија дека го блокираат нивниот предлог.
Продолжението на конститутивната седница на косовскиот парламент е закажано за 1 мај.