Македонија
Џафери на проштална средба со германската амбасадорка Холштајн

Претседателот на Собранието Талат Џафери, оствари проштална среда со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн. На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и плодната економска и политичка соработка на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво.
Џафери се заблагодари за нејзиниот активен ангажман и воедно за континуираната и силна германска поддршка за нашите евроатлантски интеграции. Интензивираната соработка со Германскиот Бундестаг во последните неколку години на ниво на претседатели на парламенти, комисии, групи за пријателство, програмата за ИПС стипендисти, како и техничката соработка за независно собраниско обезбедување беа посебно акцентирани како значаен сегмент од целокупната соработка меѓу двете држави.
Амбасадорката Холштајн срдечно ја поздрави одличната соработка пред сè со претседателот Џафери, со поединечни пратеници во Собранието на и со граѓаните во текот на нејзиниот мандат. Беше пренесена поддршката на Сојузна Република Германија за усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и за преземените реформски чекори и идните предизвици со кои ќе се обезбеди унапредување на евроинтегративниот процес. Во тој контекст, беше наведен хрватскиот пример во процесот на пристапување, кога политичарите во преден план ги ставија државните, а не партиските интереси, од причина што овој процес носи големи поволности за сите граѓани и нивната благосостојба во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Не смее да се дозволи истрагата за „Пулс“ да биде под влијание на политичките препукувања

Заврши времето кога пајакот и кабелот беа криви. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба на што досега било правено претходно, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на заедничка прес конференција со јавниот обвинител Љупчо Коцевски на која беа споделени детали од истрагата за пожарот во „Пулс“ во Кочани.
„Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство. Во минатото МВР, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира и даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство.“, рече Тшковски.
Додаде дека не смее да се дозволи истрагата да биде под влијание на политичките препукувања од недобронамерниците кои сакајќи на гневот на македонските граѓани да заработат некој политички поен, можат да го изместат текот на настаните во непосакувана насока од аспект на спроведување на законите.
„Нема да го дозволиме тоа. Ќе продолжиме и понатаму да работиме и за секој еден што ќе биде утврдено било каква причинско последична врска со предметниот кривично правен настан каде што загинаа 61 млад човек, ќе биде преземено соодветно дејствие, во рамки на законските надлежности коишто се дадени, како на Министерството за внатрешни работи, така и на Јавното обвинителство.“, нагласи на крај министерот Тошковски.
На денешната прес-конференција беше соопштено дека проширената истрага за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ опфаќа нови 19 лица. Од нив, за 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште 7 се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата. Меѓу новоосомничените се и поранешни министри во Министерството за економија, како и директори на Дирекцијата за заштита и спасување.
Македонија
Манасиевски: Филипче ги лажеше граѓаните за нов Клинички центар, само за да може да го краде народот

Екминистерот Венко Филипче и СДСМ му ветуваа на народот нов Клинички, а во реалноста даваа физиолошки раствори наместо лекови, обвинува Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и СДС му ветуваа на народот нов Клинички, а во реалноста граѓаните добија урнисано и запоставено здравство. Филипче и СДС му ветуваа на народот нов Клинички, а во реалноста Пановски добиваше милионски тендери, а граѓаните поскапи лекови. Филипче и СДС му ветуваа на народот нов Клинички, а во реалноста Филипче си местеше тендери и провизии од лекови и вакцини“, рече Манасиевски.
Додава дека ВМРО-ДПМНЕ оставиле готов проект за кој биле обезбедени 128 милиони евра, кој доколку се било како што треба, ќе бил готов во 2021 година.
ВМРО-ДПМНЕ уверува дека новиот клинички ќе биде изграден.
Македонија
Граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите дискотеки, рече Коцевски

Доказите упатуваат на суштински пропусти кај раководната структура во Дирекцијата за заштита и спасување. Ова го истакна државниот обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција, на која обелодени детали од истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“.
Тој рече дека Општина Кочани била оставена без воопшто да овластат инспектор за заштита и спасување, дотолку повеќе што угостителската дејност дискотеки и кабареа, никогаш не била предмет на контрола и надзор, како во Кочани така и во целата држава.
„Граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти. Ова е едноставно нешто што човек не може да верува, но така е“, нагласи Коцевски.
Со проширувањето на истрагата, опфатени се вкупно четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, меѓу кои и актуелниот, од отворањето на дискотеката „Пулс“, па до пожарот. Коцевски за нив рече дека постои сомнение оти целосно ги запоставиле своите надлежности, и тоа, не само за овој клуб туку и останатите во државата.