Македонија
Ковачки: Ахмети греши кога мисли дека ДУИ и Левица одлучуваат за влада
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера вели ВМРО да не сонува за создавање мнозинство со Левица. Но, Ахмети треба да знае 3 работи:
1. За нова влада не одлучува Ахмети туку народот на избори. Власта ја дава и зема само народот на избори, затоа толку многу се плашат и бегаат од соочување со народот.
2. Правилото на коалицирање на победник со победник не важи и никаде не е запишано, па стравот на ДУИ од ортачките криминали со СДС затоа им е се поголем.
3. Добро е што со ваквите изјави си ги откриваат спотерите и асовите во политиката, но ВМРО оваа влада ќе ја сруши заедно со народот.
Ортачкиот криминал, значи и ортачка одговорност, веднаш по падот на оваа најкриминална влада. А што се однесува до мантрата дека Ахмети ќе создавал сојуз за Европа, на сите им е јасно дека е создаден сојузот за Европа“ изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Тој додаде дека оаа влада на ДУИ (во која Ковачевски е статист), е најодговорна за секојдневните масовни иселувања од Македонија токму во Европа.
„ Нашите идни генерации Македонци, Албанци, Срби, Роми, Власи итн. ќе бидат жители и ќе имаат европска иднина во некоја од европските држави благодарејќи на “успешните” европски политики на ДУИ и СДС. Поради тие европски политики на Ахмети и неговиот слуга Ковачевски:
– само 13% од граѓаните на Македонија сметаат дека државата ни се движи во правилна насока (историски најниско ниво),
– рекордни 53% од граѓаните сметаат дека квалитетот на живот им назадувал (историски највисоко ниво),
– довербата во правосудството е само 3%, односно 4%, (историски најниско ниво), што значи дека граѓаните не веруваат дека живеат во правна и праведна држава,
– имаме катастрофална економија (ПОСЛЕДНИ сме по раст),
– втори сме по МИЗЕРИЈА во Европа.
Подобра инспирација од овие бројки за да нашите граѓани се иселат во Европа нема. Ахмети и Ковачевски секоја година се во трка со бројките, кои поради овие ЕВРОПСКИ политики се поразителни за македонската држава и нејзините граѓани“ порача Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

