Македонија
(Видео) Ангелова: Бараме Арсовска да го разреши Глигоров, постои опасност тој да го повтори насилството

Трет ден молк од Зоран Глигоров за фрапирачките сознанија за вршење на семејно насилство. Дополнително, бараме од институциите конечно да покажат дека може да се обезбеди функционирање на секој сегмент на правната држава, особено кога се во прашање наводите за сторени насилни дејанија од страна на именувани функционери, изјави Емилија Ангелова, советничка во Советот на Град Скопје.
„ Институциите се одговорни постојано да се борат против и да се обидуваат трајно да ги искоренат овие појави од општеството. Наместо тоа, Зоран Глигоров се уште е на позиција секретар на Град Скопје. Имено, насилство врз жените се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, психичка или економска повреда. Зоран Глигоров е должен да одговори дали се вистинити наводите дека во два наврати, еднаш во 2007-мата и еднаш во 2017-та година бил пријавен за нанесување на телесни повреди при вршење на семејно насилство преку повеќе удари и изненаден напад? Исто така, Глигоров е должен да одговори дали се вистинити наводите дека како секретар на Град Скопје физички и вербално се пресметувал со лице вработено во Градот Скопје?
Поради стравување од можно повторување на ваквите насилни дејствија бараме Зоран Глигоров веднаш да поднесе оставка од позицијата секретар на Град Скопје. Во непресметливи состојби и карактерни особини кај лица кои се поврзани со секаков вид на насилство постои голема веројатност насилството дополнително да ескалира. Бараме институциите да даваат највисок приоритет на пријавите на семејно насилство и да ги преземаат сите мерки за заштита на жртвите. Очекуваме и од градоначалничката на Град Скопје да реагира, да ги провери состојбите кои се пласирани во јавноста и за истото да информира дали и како ќе постапи односно дали ќе го разреши или не Глигоров од именуваната позиција“ рече Ангелова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место – „Покрсти“, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје, велат од Општината.
„Сместена во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, локацијата „Покрсти“ го добива свој нов лик. Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за уредување на плоштад, велосипедски патеки и поставување на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и други содржини кои ќе овозможат пријатен престој за сите посетители.
Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката „Покрсти“ секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над 8 километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам“, информира Општината.
„Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Мицкоски очекува на 24 јуни Бугарите да го повлечат барањето пред македонскиот јазик и идентитет да стои „сегашен“: Ете им прилика на дело да го покажат она што го зборуваат

Премиерот Христијан Мицкоски нема голема верба во она што го зборуваат Бугарите за спорот околу идентитетот и јазикот оти од официјална Софија стигнуваат многу различни пораки. По изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев во Тирана во која вели дека не станува збор за вето или блокада, туку за потреба од исполнување на обврските од преговарачката рамка кои земјава веќе ги прифатила, Мицкски вели дека Бугарите на 24 јуни 25 е имаат прилика на дело да го покажат она што го зборуваат.
„Нашите стари рекле помалку случај што зборуваат, повеќе гледај што работат. Еве имаме таква можност да го покажат тоа што го зборуваат, на 24 јуни на комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент се наоѓа извештајот во кој што очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или презент, и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот на малцински права кој што многу скоро ќе биде на дневен ред. Ете имаат можност тоа што го зборуваат и на дело да го покажат“, рече премиерот Мицкоски денес при посетата на Битола.
Во име на добрососедските односи, премиерот Мицкоски очекува бугарската страна да прифати средба во рамките на состанокот во Хаг, да разговараат и за Коридорот 8 за и таму да тргне работата и овој проект да им биде приоритет.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, вчера во Тирана изјави дека нема да има значајни поместувања во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија доколку не се испочитува Преговарачката рамка. Тој нагласи дека Бугарија не поставува нови услови, туку инсистира на целосно спроведување на веќе усвоените договори – како што се Договорот за добрососедство од 2017 година, два билатерални протоколи, и Преговарачката рамка од 2022 година.
Македонија
„Граѓаните да не креваат паника, лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе“, апелираат од „Анима мунди“

Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје. Од Анима Мунди апелираат до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.
„Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.
Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти.
✳️Што треба да направите ако видите лисица?
• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.
• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.
• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.
• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.
Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата“, се наведува во соопштението на Анима Мунди.
„Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки.
Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно“, коментираат од Македонското Еколошко Друштво (МЕД).