Македонија
На Деве Баир запленета марихуана во вредност до 300 илјади евра
Мобилните тимови на Царинската управа вчера на граничниот премин Деве Баир запленија 60 килограми опојна дрога марихуана, наменета за европскиот пазар. Со ова е спречен меѓународен канал на нелегална трговија со дрога. Вредноста на запленетата дрога на нелегалниот пазар се проценува од 240 до 300 илјади евра.
Опојната дрога е пронајдена во специјално направени бункери во возило со романски регистарски ознаки управувано од романски државјанин, каде биле сокриени 64 пакети марихуана.
Дрогата и возилото се одземени, а лицата се приведени и предадени на Одделението за истраги за спроведување на понатамошна постапка. До надлежното Основно јавно обвинителство – Куманово против двете лица е поднесена кривична пријава и за истите е одредена мерка притвор.
„ Во текот на 2022 година Царината спречи нелегална трговија на над 8 тони дрога и психотропни супстанци, со проценета вредност од 50,3 милиони евра на нелегалниот пазар.
Исто така, во 2022 година Царинската управа бележи и двојно зголемување на бројот на случаи на спречување на недозволена трговија во сите категории во однос на 2021 година. Споредено со 2021 година, кога имало 58 случаи на заплени, минатата година се евидентирани вкупно 114 случаи на заплени на: дроги и психотропни супстанци со проценета вредност од над 50 милиони евра, како и заплени на девизи, злато и акцизна стока во вредност од над 2 милиони евра. Рекордна заплена на злато и девизи во вредност од еден милион евра имаше неодамна, во втората половина на декември“ соопштија од Царината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

