Македонија
Ахмети од Гостивар побара ветинг за сите функционери и порача дека нема да го смени Артан Груби
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и неговите најблиски соработници продолжија со средбите со граѓаните и партиските активисти како одговор на огнената група на ДУИ предводена од Изет Меџити, која интензивно разговара со базата на членови на ДУИ.
Ахмети од Гостивар им порача на своите членови дека не корумпира власта, туку стравот од губење на власта.
„Власта не корумпира, стравот корумпира, стравот од губење на власта, кои се нашите мисии, нашите задачи и нашите работни места, да бидеме повеќе посветени, да бидеме поангажирани, и тоа не само на телевизиските екрани и на ТВ-дебатите туку и со конкретна активност и посветеност и борба против криминалот и корупцијата бидејќи има и луѓе што велат дека се плашат да не ја загубат власта, а потоа прават лоши работи.
Зошто бараме ветинг (проверка)? Да престанат сите шпекулации и приказни и да им дозволиме на правосудните органи да одговорат кои се оние што ја злоупотребуваат довербата, сакаме правда, убаво филтрирана за да биде веродостојна и доверлива за одлуките што се носат. Ги повикуваме и другите страни да најдат заеднички пат за нужно да го почнеме ветингот и чесно да го завршиме затоа што само така можеме да одиме напред, со ветинг на секој политичар, секој законодавец и спроведувач на законот и секој функционер од централно до локално ниво.
Можете да протестирате колку сакате на Запад, но Западот не дозволува анархија, нема анархија на Запад, анархистите се мали групи што кршат прозорци и бојадисуваат институции. Ги слушам и внимателно ги следам реакциите во врска со измената на Уставот, политичките партии имаат должност да ја едуцираат масата затоа што оваа држава е силна со Македонци и Албанци, во оваа држава лојалноста кон државата зависи од тоа колку државата e лојална кон граѓаните“, рече првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.
Тој им порача на „огнeните“ дека нема намера да го смени првиот вицепремиер Артан Груби.
„Сега велат, тргни го Артан. Нема да го сменам затоа што тоа е одлука на мнозинството“, порача Ахмети.
Првиот вицепремиер Артан Груби, кој деновиве е цел на незадоволната огнена група во ДУИ, се пофали со сè она што сработила ДУИ како дел од владите во последните две децении.
„Направивме сè, од Охридскиот рамковен договор како официјализирање на јазикот и знамето, администрација што изнесува 21 %, три универзитети и сите други достигнувања што ги направивме заедно. Ја пропуштивме само границата Љојан – Миратоц, која требаше да се потпише пред празниците, но поради тамошната политичка криза, верувам дека набргу ќе ја поминеме.
Сакам да споделам со вас една несекојдневна вест, која ја немавме во програмата, но гледајќи ги можностите што можеме да направиме, решивме и го потпишавме меморандумот со Бехтел Енка за Коридорот 8, што значи целосно уривање на автопатот Тетово – Гостивар. Нов пат со три ленти од секоја страна и спореден пат, кој ќе ги поврзува селата кон Кичево, и автопатот што поврзува со Охрид, набргу ќе имаме врска од Скопје до границата со Албанија“, истакна Артан Груби пред присутните.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

