Македонија
(Видео) Стоилковски: Бегството го организираа Срѓан Димитриевски и Идриз Асани – затворски полицаец?

„Ниту Миле Зечевиќ ниту СДС не одговори на прашањата од јавен интерес, а поврзани со скандалозното сценарио и бегството на осуденик од Идризово! Затоа денеска продолжуваме со уште една низа во насока на тоа како се одвивало бегството и кој сè е инволвиран од структурите на коалицијата на криминалот“, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој напомена дека „коалицијата на криминалот СДС/ДУИ мора да одговори дали со Срѓан ‘со шефот до крај’ Димитриевски, главна улога во сценариото за бегството на осуден убиец има и Идриз Асани, затворски полицаец од Студеничани? Дали коалицијата Димитриевски – Асани е главен организатор или само извршител на ова бегство?“
„Дали Идриз Асани е член на ДУИ и десна рака на заменик-директорот на затворот ‘Идризово’, Феми Јонузи, претседател на разгранокот на ДУИ во Студеничани? Дали Срѓан Димитриевски и Идриз Асани работеле сами или сепак одлуката за бегството е донесена на повисоко ниво? Дали зад бегството постои уште една порака ‘со шефот до крај’“?, праша Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алијанса за Албанците: Цените на храната, енергијата, здравствените услуги се драстично зголемени, граѓаните ја плаќаат цената на економската криза

Претседателката на Форумот на жени при Алијансата за Албанците, Елфете Исмаили, на денешната прес-конференција одржана во седиштето на АА во Скопје, упати сериозни критики за влошената економска состојба во земјата, нагласувајќи дека владата не презела ниту една мерка за да го запре осиромашувањето на граѓаните.
„Владата доживеа неуспех, а граѓаните се тие што ја плаќаат цената на економската криза. Растот на цените најмногу ги погодува најранливите слоеви на општеството, а од извршната власт не се гледа ниту еден конкретен план за поддршка на граѓаните,“ изјави Исмаили.
Таа потенцираше дека инфлацијата пријавена за месец јуни изнесува 4,5%, но реалната состојба на теренот е многу полоша.
„Цените на храната, енергијата, здравствените услуги и облеката се зголемени драстично. Овие не се само проценти на табели – тоа се реални трошоци што тешко ги издржуваат граѓаните, чиишто куповни можности секојдневно се намалуваат.“
Според неа, додека соседните земји преземаат активни мерки, како намалување на ДДВ за основните производи или директна помош за семејствата во ризик, нашата влада троши за луксуз.
„Во ек на криза, Владата на Северна Македонија планира да потроши 1,8 милиони евра од буџетот за EXPO Белград 2027 – за логоа, столици, сместување и промоции. Ова е навреда за граѓаните што едвај преживуваат.“
Исмаили рече дека граѓаните се напуштени, а владините политики целосно одвоени од социјалната реалност.
„Инфлацијата е скриен данок кој најмногу ги погодува оние кои имаат најмалку. Младите си заминуваат од државата разочарани и без перспектива, додека пензионерите веќе не можат да си дозволат пристоен живот. Ова е спирала што нè влече сите надолу.“
Алијансата за Албанците предлага итни и конкретни мерки, меѓу кои: намалување на ДДВ за основни прехранбени производи и здравствени услуги; Субвенции за најпогодените слоеви од инфлацијата; Поддршка за домашните производители, за да се спречи поскапувањето на увозните стоки;
Воведување механизми за контрола на цените и забрана за шпекулации на пазарот;
Одговорност од Владата за економскиот неуспех и злоупотребата на јавните средства.
„Алијансата за Албанците нема да молчи. Ќе го кренеме гласот за достоинството на граѓаните и за политики што го ставаат граѓанинот во центарот на државата, а не интересите на мала привилегирана елита што живее во луксуз.“
Македонија
ДУИ: Една година „резултати“, но нула почит за албанскиот јазик, неприфатлива институционална дискриминација од Царинската управа

„Демократската Унија за Интеграција јавно и остро го осудува скандалозниот начин на кој Царинската управа го одбележа едногодишното раководење на новото раководство, целосно исклучувајќи го албанскиот јазик и албанските претставници од секоја комуникација, симболика и официјална содржина“, велат од ДУИ.
„Една година „резултати“, но ниту еден збор на албански. Ниту еден текст, ниту еден наслов, ниту еден глас, ниту еден институционален претставник на албански јазик – во презентација која, според нив, требаше да ја одрази успешноста на една државна институција, во една двојазична и мултиетничка држава.
Ова не е случајност. Ова е дискриминаторска и исклучувачка политика кон албанскиот јазик и албанските граѓани. Уште позагрижувачка е службената тишина, фактот што сите што требаше да реагираат, избраа да зборуваат само на македонски јазик.
Не може да се смета за рамноправна застапеност фактот што албанскиот заменик-директор е отстранет од официјалната веб-страница на Царинската управа, и изедначен со политички советници, вклучително и фигура осудена од Хашкиот суд.
ДУИ го смета овој чин за сериозно кршење на Законот за употреба на јазиците, како и негирање на духот на Охридскиот договор и темелите врз кои е изградена соживотната коегзистенција во оваа земја. Симболите, јазикот и застапеноста се суштински дел од еднаквоста. Кога тие се игнорираат – нема заедничко владеење, туку доминација и понижување.
Упатуваме итен повик до Владата, Инспекторатот за употреба на јазиците, Народниот правобранител и сите надлежни институции за надзор да реагираат веднаш. Тишината е соучесништво во навредата.
Неприфатливо е јавните институции да се претвораат во едноетнички органи. Бараме одговорност, транспарентност и итно враќање на албанскиот јазик во секоја официјална содржина на Царинската управа, како и еднаква застапеност на албанските функционери“, соопштуваат од ДУИ.
Македонија
„Зелен хуман град“: Ја добивме првата затворска казна за убиство на куче во историјата на Македонија!

„Денес е голем ден! Денес монструозниот убиец Љубе Крстевски доби првостепена пресуда со ефективна затворска казна од 3 месеци за грозоморното убиство на Феликс! Ефективна затворска казна е изречена првпат во историјата на Македонија!“, велат од граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“ преку писмено соопштение.
„Активистите за заштита на животните повторно испишаа историја! Пресудата е жив доказ дека да се биде активен граѓанин се исплати, промените се случуваат! Кога се бориме против неправда, тоа има ефект!
Судиjката Лидија Петровска при изрекувањето на пресудата рече: „Изрекувањето ефективна казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и ќе превенира слични постапки во иднина. Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост, особено во контекст на зголемениот број случаи на суровост кон животните. Со изрекувањето затворска казна се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните“.
Адвокатот на убијците, Горан Колев, кој не ни знаел дека постои Законот за заштита и благосостојба на животните, во својот завршен збор изјави „Сепак не е човек, сепак е куче“. Горан, од убиство на куче до убиство на човек има само еден чекор! Тоа е непобитен факт!
Ќе се жалат, ама ќе се жалиме и ние! Но, денес, ќе славиме и ќе се сеќаваме на милиот Феликс! Ќе се сеќаваме на секое друго животно што настрадало од човечка рака! Ниедно не е заборавено! Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај! Додека и последното живо суштество не го добие правото што му припаѓа по раѓање – да живее живот во слобода!“, се додава во соопштението на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.