Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Градоначалникот на Крива Паланка истепал граѓанин, МВР да не го крие случајот
Шокирани сме од информациите, кои деновиве кружат помеѓу кривопаланчанци, а според кои градоначалникот Сашко Митовски нешто по полноќ на 14.1.2023 година физички нападнал граѓанин без каква било причина, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дополнително на тоа, информациите говорат дека настанот во билтенот на МВР бил заведен како напад од Н. Н. сторител (непознат сторител) како да сме паднати од Марс, а граѓанинот не знае кој го нападнал. Јавно прашуваме до ОВР ПС Крива Паланка дали ваквите срамни и понижувачки информации се вистинити имајќи предвид што нападнатото лице е полициски службеник, кој во периодот кога е нападнат од градоначалникот не бил на службена должност?
Ги охрабруваме сите присутни на настанот да посведочат за него, воедно го охрабруваме и оштетениот во настанот да ја води постапката до крај во согласност со законите во Р. Македонија.
Насилството и теророт врз граѓаните од страна на градоначалникот Сашко Митовски мора да запре за што јавно го повикуваме, доколку имал храброст да нападне граѓанин, да биде храбар и да се соочи со сите последици што произлегуваат од настанот, да не се заканува и да бара сведоците на настанот да молчат, да не им се заканува на оние што јавно пишуваат за настанот на социјалните мрежи и да не вовлекува други службени лица од Полициската станица во Крива Паланка да прават кривични дела за што со сигурност по промената на власта на претстојните предвремени парламентарни избори, ќе одговараат.
Доколку се потврдат ваквите наоди, ќе бараме од градоначалникот Сашко Митовски ВЕДНАШ да си поднесе НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА бидејќи функцијата градоначалник не е за да се тепаат граѓаните, туку да се работи во нивен интерес. Ова е срам за функцијата градоначалник, Крива Паланка не заслужува силеџија каубој за градоначалник“, наведуваат од партијата преку социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

