Македонија
МАН: Власта континуирано врши притисоци против сите независни професионални новинари и медиуми
Македонската асоцијација на новинари МАН остро ги осудува изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ДУИ Али Ахмети насочени кон загрозување на уставно гарантираната слобода на известување на сите медиуми, а во случајот кон телевизиите Телма и Алфа.
-Оваа власт континуирано врши притисоци против сите независни професионални новинари и медиуми кои не се под контрола на власта. Понекогаш тоа го прават лично, преку партиски војници, а најмногу преку механизмите на власт и преку правосудниот систем. Затоа и не се изненадување последните јавни притисоци, тие се дел од континуиран процес за воведување цензура и едноумие во државата. Преку ваквиот процес, освен што
се загрозува слободата на информирање, се загрозува и физичката безбедност на новинарите и се први обид да се загрози финансиската егзистенција на медиумите.
Да потсетиме, притисоците на власта го качија црниот резултат на судски прогони против независните медиуми и новинарите од 24% во 2016 на фантастични 68% во 2022 година.
-Ги повикуваме сите новинари и медиуми да не потклекнуваат на вакви притисоци и да продолжат, согласно својата уредувачка политика да известуваат независно и професионално. На сите новинари и медиуми на кои им е потребна правна помош, МАН им стои на располагање со своите експертски тимови.
Македонската асоцијација на новинари (МАН) во текот на следните денови, во координација со своите членови ќе излезе со официјални чекори кои ќе бидат преземени во најкус можен рок за да се стави крај на ваквата пракса на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.

